Лозарите својата мака ја истурија пред портите на винаријата Тиквеш, во знак на протест против ниските откупни цени
Вчера попладне и доцна во ноќта, драматични сцени се случуваа пред влезната капија пред винаријата Тиквеш во Кавадарци.
Неколку стотина лозари со своите трактори товарени со грозје од овогодинешната реколта протестираа пред винарскиот гигант кој што требаша да врши откуп на грозјето.
Она со што не се сложуваат лозарите што беше и причина за нивниот револт е што винаријата драстично ги намали откупните цени за грозјето, што беа претходно договорени на состаноците со ресорниот министер.
Манипулирајки со шеќерните единици на грозјето при примопредавањето на родот на винаријата од менаџментот соопштија дека договорената цена од 11 денари за Смедеревка и 12-13 денари за грозје од видот Вранец-Кртошија ќе ја исплаќаат само за грозје кое што има 20 малигани.
Претходно лозарите добиле покана за да го берат својот род од нивите без да се прецизира условот за шеќерноста на грозјето, и откако лозарите го обрале плодот од нивите и се паркирале пред винаријата да го предаваат на пунктовите, дополнително им бил соопштен овој услов дека под 20 малигани шеќерност нема да се откупува грозјето. За потоа да им бидат понудени помали откупни цени за грозјето со 19 малигани и помалку од само 8 денари за килограм- момент кој што ја прелеал чашата на нивниот револт.
Во тие моменти лозарите почнале да го истураат својот род пред капијата на винаријата Тиквеш а одредена група на присутните луѓе ја срушиле дури и оградата на самата винарија
Градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев, кој вчера беше со лозарите кои протестираат, ги покани сите советници од регионот како и градоначалници, пратеници и министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа или ако тој е недостапен, претставник од министерството, да дојдат денес во неговиот кабинет на средба во 11 часот.
“Жални се сликите кои ги гледам, урнатата ограда, и полицијата којашто стои пред лозарите. Апелирам сите надлежни да се појават на средбата бидејќи бербата е во тек и да не им се прави штета на земјоделците кои чесно си го заработуваат своето парче леб,”
-порача вчера Јанчев.
Претходно во текот на месец август Здружението „Напредни лозари” соопшти дека ги замрзнува своите активности. Последна препорака, од страна на членовите на ова здружение која што беше упатена до производителите, е дека годинава, посебно поради сушата, ниту еден грозд смедеревка не смее да биде откупен под 20 денари, вранец под 25 денари, а асталско и високосортно грозје под 30 денари.