Наше интервју со директорот на ДИЗ Ивица Ангеловски: Превенцијата и законитоста се клуч за стабилно земјоделско производство
Заштитата на земјоделското производство, обезбедувањето законит откуп, контролата на квалитетот на земјоделските производи и доследната примена на прописите се меѓу клучните задачи на Државниот инспекторат за земјоделство. Како орган во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Инспекторатот врши инспекциски надзор над спроведувањето на законите од областа на земјоделството и фитосанитарната политика, обезбедува еднаква примена на прописите и придонесува за заштита на интересите на земјоделските производители, потрошувачите и државата.
За актуелните активности, инспекциските контроли, најчестите неправилности, предизвиците во работата и плановите за унапредување на инспекцискиот надзор разговараме со в.д. директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, кој дава осврт на приоритетите на институцијата, соработката со земјоделците и откупувачите, како и на мерките што се преземаат за обезбедување законитост и поголема доверба во системот на инспекциски надзор.
Кои се клучните приоритети на Државниот инспекторат за земјоделство во тековната година?
Ивица Ангеловски: Во тековната година наш главен приоритет е доследно и законито спроведување на инспекцискиот надзор во сите области што се во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство. Фокусот е ставен на превентивното дејстување, навременото откривање и отстранување на неправилностите, како и обезбедување еднаква примена на законите за сите субјекти.Особено внимание посветуваме на контролите за време на сезонскиот откуп на земјоделските производи, каде што нашата цел е да обезбедиме почитување на законските обврски од страна на откупувачите и заштита на правата на земјоделските производители. Паралелно со тоа, спроведуваме редовни и вонредни инспекциски надзори врз основа на проценка на ризик и по претставки од граѓани и правни лица.
Сметам дека стручен и независен инспекциски надзор е клучен за создавање фер услови на пазарот, заштита на потрошувачите и поддршка на развојот на македонското земјоделство. Нашата цел не е само санкционирање на прекршителите, туку пред сè превенција, едукација и градење партнерски однос со земјоделците и сите чинители во агросекторот. Само преку почитување на законите и меѓусебна соработка можеме да придонесеме за стабилен, конкурентен и одржлив земјоделски сектор.
Каква е улогата на Инспекторатот во контролата на квалитетот и прометот на земјоделските производи и како се постапува кога ќе се утврди промет на производи што не ги исполнуваат законските услови?
Ивица Ангеловски: Државниот инспекторат за земјоделство врши инспекциски надзор над спроведувањето на законите и подзаконските прописи од областа на земјоделството. Во делот на квалитетот и прометот на земјоделските производи, инспекторите вршат редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори при увоз, во внатрешниот промет и кај увозници, пакувачи, дистрибутери, складишта и трговци, со цел на пазарот да се пласираат производи кои ги исполнуваат пропишаните услови за квалитет, правилно означување и декларирање. Посебен акцент се става на контролата на свежото овошје и зеленчук, житата, оризот, тутунот и тутунските производи, семенскиот и садниот материјал, како и на други земјоделски производи за кои со закон се пропишани барања за квалитет. Во рамките на своите надлежности, Инспекторатот врши контрола при увоз и во внатрешниот промет, а за производите за кои тоа е пропишано со закон, пред нивното ставање во промет издава сертификати за квалитет. Кога постои сомневање за неусогласеност или кога тоа е предвидено со закон, инспекторите земаат примероци за лабораториски анализи со цел да се утврди дали производите ги исполнуваат пропишаните барања за квалитет.
Доколку при инспекцискиот надзор се утврди дека производите не ги исполнуваат законските услови, инспекторите преземаат мерки согласно своите законски овластувања. Во зависност од утврдената неправилност, се издаваат решенија и задолженија за отстранување на недостатоците, се забранува ставање во промет, се наредува повлекување на производите од пазарот, нивно одземање, а кога се исполнети законските услови се поведуваат и соодветни прекршочни постапки.
Дали Инспекторатот располага со доволен број инспектори за ефикасно спроведување на законските надлежности во однос на внатрешноста, како и контролата при увоз на граничните премини?
Ивица Ангеловски: Државниот инспекторат за земјоделство континуирано ги извршува своите законски надлежности и покрај тоа што кадровската пополнетост не е на посакуваното ниво. Во инспекциските сектори се систематизирани 168 работни места, од кои пополнети се 121, што претставува 72% пополнетост. Од нив, 73 се државни земјоделски инспектори, а 48 државни фитосанитарни инспектори, кои секојдневно спроведуваат инспекциски надзори во внатрешноста на државата и на граничните премини, каде што вршат фитосанитарна контрола при увозот на земјоделски производи, семенски и саден материјал, ѓубрива и производи за заштита на растенијата.
Дополнителен предизвик претставува и возрасната структура на инспекторскиот кадар. Од вкупно 121 инспектор, дури 65, односно повеќе од половина (53,7%), се на возраст над 50 години, а 21 инспектор се постари од 60 години, што значи дека во наредниот период ќе следува природен одлив на искусен кадар поради пензионирање. Од друга страна, само 16 инспектори се помлади од 40 години, што укажува на потребата од подмладување на инспекциските служби и навремено планирање на нови вработувања.
Со оглед на широките законски надлежности на Инспекторатот, големиот број субјекти кои се предмет на инспекциски надзор, сезонскиот карактер на одредени контроли, како и потребата од континуирано присуство на повеќе гранични премини, може да се каже дека постои реална потреба од кадровско зајакнување. Наш приоритет останува навремено, стручно и ефикасно спроведување на инспекциските надзори, но со дополнително зголемување и подмладување на инспекторскиот кадар би се обезбедила уште подобра покриеност на целата територија на државата, поефикасни контроли при увозот и уште поголема заштита на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи на пазарот.
На кој начин инспекторите вршат контрола дали откупувачите ги исполнуваат законските услови за вршење откуп и дали има засилени инспекциски контроли за време на сезоната на откуп на овошје, зеленчук, тутун, грозје и други земјоделски производи?
Ивица Ангеловски: Државните земјоделски инспектори вршат инспекциски надзори над исполнетоста на законските услови за вршење откуп уште пред започнувањето на откупната сезона. При овие надзори се проверува дали откупувачите ги исполнуваат минимално-техничките услови пропишани со закон, односно дали располагаат со соодветни деловни простории и опрема, верифицирани мерни инструменти, соодветен простор за прием и складирање на земјоделските производи, како и дали се исполнети сите други законски услови за вршење откуп.
За време на сезоната на откуп, инспекциските надзори се значително интензивираат. Контролите се насочени кон следење на законитоста на самиот процес на откуп, односно дали се истакнати откупните цени на видно место, дали се склучуваат договори со земјоделските производители, дали мерењето се врши со верифицирани мерни инструменти, дали се издава соодветна документација за преземениот производ и дали исплатата кон производителите се врши во законски утврдените рокови. Целта на овие засилени контроли е да се обезбеди законито работење на откупувачите, заштита на правата на земјоделските производители и создавање фер и транспарентни услови во процесот на откуп.
Дали јавноста има увид во резултатите од инспекциските надзори и годишните извештаи?
Ивица Ангеловски: Во однос на резултатите од инспекциските надзори и годишните извештаи, Инспекторатот е должен континуирано да ја информира јавноста за своето работење преку официјалната веб-страница, со објава на соопштенија и годишни извештаи. На тој начин се обезбедува транспарентност во работењето и јавноста има увид во реализираните инспекциски активности и изречените инспекциски мерки, во согласност со законските прописи за пристап до информации од јавен карактер.
До каде е процесот на дигитализација на инспекциските постапки и дали електронските системи придонесоа за побрзи и поефикасни инспекциски надзори?
Ивица Ангеловски: Дигитализацијата е еден од клучните предуслови за модерно, ефикасно и транспарентно работење на инспекциските служби. Тоа е континуиран процес кој постојано треба да се надградува во согласност со потребите на институциите и развојот на технологијата.
Во моментов, во работењето се користат повеќе електронски системи и бази на податоци, кои во одредена мера придонесуваат за подобра евиденција на предметите, полесно следење на инспекциските постапки и побрза размена на информации. Сепак, постои реална потреба од воспоставување единствен, интегриран информациски систем кој ќе ги поврзува сите процеси и надлежности на Инспекторатот на едно место. Таквиот систем значително би ја зголемил ефикасноста на инспекциските надзори, би ја намалил административната работа, би овозможил побрз пристап до податоци и подобра координација, а воедно би придонел и за поголема транспарентност во работењето. Дигитализацијата не е само технолошка потреба, туку неопходен чекор кон поквалитетни и поефикасни инспекциски надзори.
Дали е потребно унапредување на законската рамка во материјалните закони за поефикасен инспекциски надзор?
Ивица Ангеловски: Да, постои потреба од унапредување и измени на законската рамка во материјалните закони со цел обезбедување поефикасен инспекциски надзор. Потребно е дополнително прецизирање и усогласување на одредбите што ги регулираат надлежностите и овластувањата на инспекторите, како и појасно уредување на инспекциските постапки во насока на нивно побрзо и поефикасно спроведување. Истовремено, неопходно е да се овозможи поефикасна размена на податоци меѓу надлежните институции и да се создадат законски предуслови за поголема примена на дигитални алатки и електронски системи во работењето. Дополнително, главен приоритет е усогласувањето на прекршочните одредби и санкциите со материјалните закони ќе придонесе за поефикасно постапување, поголема правна сигурност и поуспешно остварување на целите на инспекцискиот надзор во областа на земјоделството.
Која е Вашата порака до земјоделците, откупувачите и граѓаните во однос на почитувањето на прописите и улогата на инспекцискиот надзор?
Ивица Ангеловски: Инспекцискиот надзор има превентивна и контролна улога, насочена кон обезбедување законито работење, навремено отстранување на утврдените неправилности и подигање на нивото на усогласеност со прописите. Целта на инспекциските контроли не е само санкционирање, туку и укажување, советување и поттикнување на совесно почитување на законските обврски. Сметам дека со взаемна соработка, одговорно постапување и почитување на прописите, се создаваат услови за поголема доверба, конкурентност и развој на земјоделскиот сектор во интерес на сите земјоделци и потрошувачи.
Ги повикуваме земјоделците, откупувачите и сите учесници во синџирот на производство и промет да ги почитуваат законските прописи, бидејќи со тоа ги штитат и сопствените интереси, се јакне довербата и се создаваат услови за развој на конкурентно и одржливо земјоделство.




