Покрената петиција за Укинување на субвенциите за мали хидроцентрали
На социјалните мрежи се споделува електронска онлајн петиција со која се бара укинување на субвенциите на државата за малите хидроцентрали кои се изградени или се градат на речни водотеци ширум државата.
Според информациите објавени во текстот на петицијата се нагласува штетниот ефект на малите хидроцентрали врз животната средина онаму каде се градат до степен кој го загрозува опстанокот на водните екосистеми и заштитените ендемски видови, како и луѓето.
“Во моментов, на дивите и недопрени реки низ земјава се изградени, или се во фаза на изградба, повеќе од 130 мали хидроцентрали, a се планира изградба на уште најмалку 50 нови! Поголем дел од нив се градат во некои од најживописните речни долини во строго заштитени и значајни подрачја како што се: Пелистер, Маврово, Шар Планина, Караџица, Даутица, Кожуф, Малешевијата и многу други.
Изградбата на малите хидроцентрали остава непоправливи последици по животната средина и природата, до степен кој го загрозува опстанокот на водните екосистеми и на заштитените и ендемски видови, како и луѓето.
Малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветни студии за оцена на влијанието врз животната средина.
Сите постоечки мали хидроцентрали заедно произведуваат само 4% од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјата, во период од годината кога не е најпотребно за домаќинствата. Истото количество електрична енергија може да се заштеди со подобра енергетска ефикасност, без притоа да се уништуваат реките и недопрената природа.
Електричната енергија произведена од малите хидроцентрали се откупува по загарантирани повластени тарифи кои на сопствениците им гарантираат сигурен профит.
Секое семејство во земјава, секој месец плаќа 6% од висината на месечната сметка за струја, за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори. На годишно ниво, за електричната енергија произведена од мали хидроцентрали ние граѓаните, плаќаме 16 милиони евра.
Сакаме овој буџет да се употреби за стимулирање на производство на електрична енергија од одржливи извори како сонцето и ветрот, а не од извори кои ги уништуваат нашите реки!
Да кажеме НЕ на малите хидроцентрали и уништувањето на реките!
Барам моите 6% од сметката за струја кои ги вложувам за производство на електрична енергија од обновливи извори да се употребат исклучиво за стимулирање на одржливи извори на енергија како сонцето и ветрот. Барам на сметката за струја јасно да биде наведено на што се трошат тие 6%. Барам Владата да ги укине субвенциите за малите хидроцентрали.”
-стои во текстот на петицијата покрената од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје.