Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство денеска го посети Росоман
Денес, в.д. директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Ивица Ангеловски ја посети Општина Росоман, еден од најзначајните овоштарски региони во државата, каде што во тек е интензивниот откуп на праска и кајсија – препознатливи земјоделски култури кои имаат исклучително значење за македонското овоштарство.
Во рамки на посетата беа реализирани обиколки на повеќе откупни пунктови, при што беше извршен увид во текот на откупот, примената на законските прописи и условите под кои се одвива приемот на годинешната реколта.
Директорот Ангеловски при средба со откупувачите потенцираше дека успешниот, навремен и транспарентен откуп е од клучно значење за заштита на трудот на овоштарите и за одржување на довербата во целиот синџир на производство и пласман на македонското овошје.
Државниот инспекторат за земјоделство и во наредниот период ќе продолжи со засилени инспекциски контроли на откупните пунктови низ државата, со цел доследно почитување на законските одредби, обезбедување фер и транспарентен откупен процес и заштита на интересите на земјоделските производители.




