Администратор

Owner, Manager, web developer, graphic designer, CPanel & WHM specialist content editor & author at Anastasov Limited DOOEL Grad Delchevo

Министерот Борче Серафимовски во теренска посета на погодените земјоделци од невремето во Василево

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски и градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов го посетија селото Пиперово, каде што се запознаа со последиците од невремето врз градинарското производство.

Земјоделците информираа за штетите врз градинарските култури и последиците што невремето ги предизвика врз производството од кое зависат голем број семејства во овој земјоделски крај.

„Градинарството бара секојдневна работа и внимателно планирање, а една временска непогода може сериозно да го наруши целиот производствен циклус. Затоа е важно да ги слушнеме земјоделците и да имаме точна слика за последиците“, истакна министерот Серафимовски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, внимателно го следи влијанието на нестабилните временски услови врз градинарското и целокупното земјоделско производство .

Посета на директорот на ДИЗ Ангеловски на еден од најголемите расадници за овошен и лозов насад

Денес, в.д. директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, беше во работна посета на расадникот ЗЗ „Овоштар“ од село Аргулица, при што оствари работна средба со сопственикот Бојанче Стефанов.

Расадникот ЗЗ „Овоштар“ е меѓу најголемите производители на сертифициран овошен и лозов саден материјал во Република Македонија, чии садници се наменети како за домашниот пазар, така и за извоз на странските пазари.

Производството на сертифициран саден материјал претставува темел за развојот на современото и конкурентно овоштарство и лозарство, бидејќи обезбедува здрав, квалитетен и сортно чист почетен материјал, што директно влијае врз приносите, квалитетот на производството и конкурентноста на македонските производители.

Државниот инспекторат за земјоделство останува посветен партнер на регистрираните расадници преку вршење на законит и навремен инспекциски надзор, со цел обезбедување квалитетен и здравствено исправен саден материјал, заштита на земјоделското производство и унапредување на конкурентноста на македонското овоштарство и лозарство

Наше интервју со директорот на ДИЗ Ивица Ангеловски: Превенцијата и законитоста се клуч за стабилно земјоделско производство

Заштитата на земјоделското производство, обезбедувањето законит откуп, контролата на квалитетот на земјоделските производи и доследната примена на прописите се меѓу клучните задачи на Државниот инспекторат за земјоделство. Како орган во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Инспекторатот врши инспекциски надзор над спроведувањето на законите од областа на земјоделството и фитосанитарната политика, обезбедува еднаква примена на прописите и придонесува за заштита на интересите на земјоделските производители, потрошувачите и државата.

За актуелните активности, инспекциските контроли, најчестите неправилности, предизвиците во работата и плановите за унапредување на инспекцискиот надзор разговараме со в.д. директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, кој дава осврт на приоритетите на институцијата, соработката со земјоделците и откупувачите, како и на мерките што се преземаат за обезбедување законитост и поголема доверба во системот на инспекциски надзор.

Кои се клучните приоритети на Државниот инспекторат за земјоделство во тековната година?

Ивица Ангеловски: Во тековната година наш главен приоритет е доследно и законито спроведување на инспекцискиот надзор во сите области што се во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство. Фокусот е ставен на превентивното дејстување, навременото откривање и отстранување на неправилностите, како и обезбедување еднаква примена на законите за сите субјекти.Особено внимание посветуваме на контролите за време на сезонскиот откуп на земјоделските производи, каде што нашата цел е да обезбедиме почитување на законските обврски од страна на откупувачите и заштита на правата на земјоделските производители. Паралелно со тоа, спроведуваме редовни и вонредни инспекциски надзори врз основа на проценка на ризик и по претставки од граѓани и правни лица.

Сметам дека стручен и независен инспекциски надзор е клучен за создавање фер услови на пазарот, заштита на потрошувачите и поддршка на развојот на македонското земјоделство. Нашата цел не е само санкционирање на прекршителите, туку пред сè превенција, едукација и градење партнерски однос со земјоделците и сите чинители во агросекторот. Само преку почитување на законите и меѓусебна соработка можеме да придонесеме за стабилен, конкурентен и одржлив земјоделски сектор.

Каква е улогата на Инспекторатот во контролата на квалитетот и прометот на земјоделските производи и како се постапува кога ќе се утврди промет на производи што не ги исполнуваат законските услови?

Ивица Ангеловски: Државниот инспекторат за земјоделство врши инспекциски надзор над спроведувањето на законите и подзаконските прописи од областа на земјоделството. Во делот на квалитетот и прометот на земјоделските производи, инспекторите вршат редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори при увоз, во внатрешниот промет и кај увозници, пакувачи, дистрибутери, складишта и трговци, со цел на пазарот да се пласираат производи кои ги исполнуваат пропишаните услови за квалитет, правилно означување и декларирање. Посебен акцент се става на контролата на свежото овошје и зеленчук, житата, оризот, тутунот и тутунските производи, семенскиот и садниот материјал, како и на други земјоделски производи за кои со закон се пропишани барања за квалитет. Во рамките на своите надлежности, Инспекторатот врши контрола при увоз и во внатрешниот промет, а за производите за кои тоа е пропишано со закон, пред нивното ставање во промет издава сертификати за квалитет. Кога постои сомневање за неусогласеност или кога тоа е предвидено со закон, инспекторите земаат примероци за лабораториски анализи со цел да се утврди дали производите ги исполнуваат пропишаните барања за квалитет.

Доколку при инспекцискиот надзор се утврди дека производите не ги исполнуваат законските услови, инспекторите преземаат мерки согласно своите законски овластувања. Во зависност од утврдената неправилност, се издаваат решенија и задолженија за отстранување на недостатоците, се забранува ставање во промет, се наредува повлекување на производите од пазарот, нивно одземање, а кога се исполнети законските услови се поведуваат и соодветни прекршочни постапки.

Дали Инспекторатот располага со доволен број инспектори за ефикасно спроведување на законските надлежности во однос на внатрешноста, како и контролата при увоз на граничните премини?

Ивица Ангеловски: Државниот инспекторат за земјоделство континуирано ги извршува своите законски надлежности и покрај тоа што кадровската пополнетост не е на посакуваното ниво. Во инспекциските сектори се систематизирани 168 работни места, од кои пополнети се 121, што претставува 72% пополнетост. Од нив, 73 се државни земјоделски инспектори, а 48 државни фитосанитарни инспектори, кои секојдневно спроведуваат инспекциски надзори во внатрешноста на државата и на граничните премини, каде што вршат фитосанитарна контрола при увозот на земјоделски производи, семенски и саден материјал, ѓубрива и производи за заштита на растенијата.

Дополнителен предизвик претставува и возрасната структура на инспекторскиот кадар. Од вкупно 121 инспектор, дури 65, односно повеќе од половина (53,7%), се на возраст над 50 години, а 21 инспектор се постари од 60 години, што значи дека во наредниот период ќе следува природен одлив на искусен кадар поради пензионирање. Од друга страна, само 16 инспектори се помлади од 40 години, што укажува на потребата од подмладување на инспекциските служби и навремено планирање на нови вработувања.

Со оглед на широките законски надлежности на Инспекторатот, големиот број субјекти кои се предмет на инспекциски надзор, сезонскиот карактер на одредени контроли, како и потребата од континуирано присуство на повеќе гранични премини, може да се каже дека постои реална потреба од кадровско зајакнување. Наш приоритет останува навремено, стручно и ефикасно спроведување на инспекциските надзори, но со дополнително зголемување и подмладување на инспекторскиот кадар би се обезбедила уште подобра покриеност на целата територија на државата, поефикасни контроли при увозот и уште поголема заштита на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи на пазарот.

На кој начин инспекторите вршат контрола дали откупувачите ги исполнуваат законските услови за вршење откуп и дали има засилени инспекциски контроли за време на сезоната на откуп на овошје, зеленчук, тутун, грозје и други земјоделски производи?

Ивица Ангеловски: Државните земјоделски инспектори вршат инспекциски надзори над исполнетоста на законските услови за вршење откуп уште пред започнувањето на откупната сезона. При овие надзори се проверува дали откупувачите ги исполнуваат минимално-техничките услови пропишани со закон, односно дали располагаат со соодветни деловни простории и опрема, верифицирани мерни инструменти, соодветен простор за прием и складирање на земјоделските производи, како и дали се исполнети сите други законски услови за вршење откуп.

За време на сезоната на откуп, инспекциските надзори се значително интензивираат. Контролите се насочени кон следење на законитоста на самиот процес на откуп, односно дали се истакнати откупните цени на видно место, дали се склучуваат договори со земјоделските производители, дали мерењето се врши со верифицирани мерни инструменти, дали се издава соодветна документација за преземениот производ и дали исплатата кон производителите се врши во законски утврдените рокови. Целта на овие засилени контроли е да се обезбеди законито работење на откупувачите, заштита на правата на земјоделските производители и создавање фер и транспарентни услови во процесот на откуп.

Дали јавноста има увид во резултатите од инспекциските надзори и годишните извештаи?

Ивица Ангеловски: Во однос на резултатите од инспекциските надзори и годишните извештаи, Инспекторатот е должен континуирано да ја информира јавноста за своето работење преку официјалната веб-страница, со објава на соопштенија и годишни извештаи. На тој начин се обезбедува транспарентност во работењето и јавноста има увид во реализираните инспекциски активности и изречените инспекциски мерки, во согласност со законските прописи за пристап до информации од јавен карактер.

До каде е процесот на дигитализација на инспекциските постапки и дали електронските системи придонесоа за побрзи и поефикасни инспекциски надзори?

Ивица Ангеловски: Дигитализацијата е еден од клучните предуслови за модерно, ефикасно и транспарентно работење на инспекциските служби. Тоа е континуиран процес кој постојано треба да се надградува во согласност со потребите на институциите и развојот на технологијата.

Во моментов, во работењето се користат повеќе електронски системи и бази на податоци, кои во одредена мера придонесуваат за подобра евиденција на предметите, полесно следење на инспекциските постапки и побрза размена на информации. Сепак, постои реална потреба од воспоставување единствен, интегриран информациски систем кој ќе ги поврзува сите процеси и надлежности на Инспекторатот на едно место. Таквиот систем значително би ја зголемил ефикасноста на инспекциските надзори, би ја намалил административната работа, би овозможил побрз пристап до податоци и подобра координација, а воедно би придонел и за поголема транспарентност во работењето. Дигитализацијата не е само технолошка потреба, туку неопходен чекор кон поквалитетни и поефикасни инспекциски надзори.

Дали е потребно унапредување на законската рамка во материјалните закони за поефикасен инспекциски надзор?

Ивица Ангеловски: Да, постои потреба од унапредување и измени на законската рамка во материјалните закони со цел обезбедување поефикасен инспекциски надзор. Потребно е дополнително прецизирање и усогласување на одредбите што ги регулираат надлежностите и овластувањата на инспекторите, како и појасно уредување на инспекциските постапки во насока на нивно побрзо и поефикасно спроведување. Истовремено, неопходно е да се овозможи поефикасна размена на податоци меѓу надлежните институции и да се создадат законски предуслови за поголема примена на дигитални алатки и електронски системи во работењето. Дополнително, главен приоритет е усогласувањето на прекршочните одредби и санкциите со материјалните закони ќе придонесе за поефикасно постапување, поголема правна сигурност и поуспешно остварување на целите на инспекцискиот надзор во областа на земјоделството.

Која е Вашата порака до земјоделците, откупувачите и граѓаните во однос на почитувањето на прописите и улогата на инспекцискиот надзор?

Ивица Ангеловски: Инспекцискиот надзор има превентивна и контролна улога, насочена кон обезбедување законито работење, навремено отстранување на утврдените неправилности и подигање на нивото на усогласеност со прописите. Целта на инспекциските контроли не е само санкционирање, туку и укажување, советување и поттикнување на совесно почитување на законските обврски. Сметам дека со взаемна соработка, одговорно постапување и почитување на прописите, се создаваат услови за поголема доверба, конкурентност и развој на земјоделскиот сектор во интерес на сите земјоделци и потрошувачи.

Ги повикуваме земјоделците, откупувачите и сите учесници во синџирот на производство и промет да ги почитуваат законските прописи, бидејќи со тоа ги штитат и сопствените интереси, се јакне довербата и се создаваат услови за развој на конкурентно и одржливо земјоделство.

Министерот Серафимовски го посети Националниот парк „Шар Планина“ каде се запозна со обемот и динамиката на работа на вработените

Вчера, заедно со заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, го посетивме Националниот парк „Шар Планина“. Со директорот Евзал Елмази и со дел од вработените разговаравме за начинот на функционирање на паркот, поставените приоритети и искуствата стекнати во управувањето со едно од нашите најсложени заштитени природни подрачја.

Прошетката низ дел од паркот ни овозможи непосредно да ја согледаме динамиката на работата и просторот за кој се грижат вработените. Големината, разновидноста и особеностите на овој планински предел бараат стручност, добра организација и постојано присуство.

Шара заслужува пристап што ја согледува како неразделна целина – шуми, води, пасишта и богат жив свет поврзани во чувствителен природен систем. Рамнотежа која се гради со знаење, континуитет и почитување на специфичностите на просторот. Тоа е основата врз која се создава долгорочна вредност за целата држава.

Работна посета на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство со менаџментот на Тутунски Комбинат Прилеп

Денес, в.д. директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Ивица Ангеловски, оствари работна посета на А.Д. Тутунски Комбинат Прилеп, при што одржа работна средба со генералниот директор Александар Алексовски и директорот на Погон Цигари, Игор Митрикески.

На средбата се разговараше за тековните активности и работењето на Комбинатот, подготовките за претстојниот откуп на тутунот, предизвиците со кои се соочува секторот, како и за други прашања од заеднички интерес поврзани со тутунопроизводството и почитувањето на законските прописи.

Особен акцент беше ставен на потребата од навремена координација и соработка меѓу институциите и откупувачите, со цел обезбедување фер, транспарентен и законски спроведен процес на откуп, во интерес на тутунопроизводителите и сите учесници во секторот.

Државниот инспекторат за земјоделство останува целосно посветен на спроведување редовни инспекциски контроли за време на претстојниот откуп на тутунот, доследно спроведување на законските надлежности и заштита на правата и интересите на тутунопроизводителите.

Богат род на вишна и рентабилна цена на пазарот оваа година во Пијанечкиот крај овозможија добра заработка за земјоделците

Деновиве во делчевско и Пијанечкиот крај приврши бербата на вишната која што како земјоделска култура во овој простор е застапена на површина од околу 240 хектари. Градоначалникот на општина Делчево Иван Гоцевски во изминатиот период беше во постојан контакт со овоштарите и производителите на вишна која што како земјоделска култура е постојано барана од страна на откупните центри како во државата така и во странство. Цената за килограм вишна на пазарот се движи постојано над едно евро што ја чини особено исплатлива за производство од нашите земјоделци.

Во процесот за производството на пијанечката вишна во Делчево веќе се користат напредни агротехнички мерки како за подигање на самите насаади, нивно одржување и обработување но и нивната берба, селекција на родот и пакување.

На територијата на Делчево и Пијанец егзистираат голем број на индивидуални земјоделски стопанства како и приватни правни субјекти кои имаат големи површини на насади на випна кои обезбедуваат сезонска заработувачка на голем број семејства.

По повод завршувањето на бербата на вишна во Делчево и Пијанец Градоначалникот Гоцевски беше во посета на неколку овоштарници со вишна во општината каде што разговараше со сопствениците но и со нашите сограѓани кои што се ангажирани за берба на вишновиот плод при што упати своја порака:

ИВАН ГОЦЕВСКИ- ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ДЕЛЧЕВО

“Денеска со задоволство можеме да констатираме дека е последниот ден од бербата на нашата позната пијанечка вишна овде во пијанечкиот крај. Од тоа што ние како локална самоуправа го имаме како податоци можеме да констатираме дека на територијата на општина Делчево има 530 хектари модра слива или позната пијанечка “шливка” и над 240 хектари насади со вишнови насади. Тоа што особено радува и за што сме денеска овде е што вишната како гранка се повеќе почнува да навлегува во нивите на нашите земјоделци. Ние како локална самоуправа сериозно размислуваме на овој веќе препознатлив бренд – Пијанечката вишна да почнеме да го промовираме посериозно и да се ставиме сериозно во интерес и во сервис на нашите земјоделци од аспект на координација и релација и сврзување со сите можности кои што ги нудат европските фондови, министерството за земјоделие и секако оние крос бордер соработки се со цел да се унапреди како производствот на вишна така и истата оваа вишна да заврши како готов продукт на европските пазари. Тоа што може да се констатира е дека Делчево има одлична клима за развоја на оваа земјоделска гранка која последните години бележи одлични цени кои што се рентабилни, по информациите кои што ги имаме во координација со нашите земјоделци- се рентабилни за производство на истата. Така да ова е еден сериозен поттик, еден сериозен мотив и јас како градоначалник на општина Делчево и ние какко локална самоуправа на општина Делчево да работиме сериозно на промоција, прзентација и поттикнување за развој на оваа земјоделска гранка.”

-рече градоначалникот Гоцевски во изјава за Брегалнички портал.

Во изјава за нашата камера зборуваше и професорот на Факултето за земјоделски науки, храна и вереринарство при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје Проф Марјан Кипријановски кој го истакна особено добриот квалитет на овогодинешниот род на вишната наберена од пијанечкиот регион кој што е особено погоден за одгледување на вишнови насади.

ПРОФ. МАРЈАН КИПРИЈАНОВСКИ- ПРОФЕСОР ПО ОВОШТАРСТВО НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ НАУКИ, ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО

“Се наоѓаме на еден насад на вишна во делчевскиот регион. Насад кој што е подогнат пред 7-8- години на подлога маглива. Во моментот сме во фаза на берба. Фирмата има обезбедено бераши, т.н. самобери кои што помагаат многу во успешна и навремена берба на плодовите со тресење. Овде насадот е во одлична состојба благодарение на овие поволни климатски услови кои што оваа година постоеја. Имаше доволно врнежи, квалитето на вишната е одличен, приносот е супер, како што гледаме овде по една гајба има во просек од едно стебло. Тоа значи по некои 10-12 тона по хектар би испаднало. Делчевскот регион во принцип одговара за одгледување на овој вид на овошје. Оваа година имавме една така неповолни климатски услови односно доцните пролетни мразеви каде што во долниот дел односно по течението на река Брегалница во тој регион имаше доста ниски температури и за жал сливата многу настрада, меѓутоа вишната како подоцна цветна култура не настрада и има одличен принос дри во целиот регион. Квалитетот е одличен, така да ова година производителите на вишна би требаало да бидат задоволни.”

-рече професорот Кипријановски за нашата камера.

Во продолжeние видео прилогот за бербата на пијанечката вишна во Пијанец и Делчево:

Фељтон: Македонскиот шарпланинец – живо национално богатство кое заслужува поголема грижа (четврт дел)

Дел IV – Шарпланинецот како национален бренд, културно наследство и можност за иднината


Од традиција кон визија

Секоја нација има нешто што ја претставува пред светот. Понекогаш тоа е природен феномен. Понекогаш архитектура. Понекогаш музика, храна или обичај. Но постојат и симболи кои се живи. Тие не се само предмети што ги чуваме во музеј. Тие дишат, растат и продолжуваат да ја носат приказната на своите предци. Македонскиот шарпланинец е токму таков симбол. Тој не е само раса на куче. Тој е сведоштво за еден начин на живот кој со векови постоел на македонските планини. Тој е врска меѓу човекот и природата. Меѓу традицијата и современоста. Меѓу минатото и иднината. Но за да остане живо наследство, не е доволно само да се гордееме со него.

Потребна е визија, многу знаење, работа и труд.


Национално богатство кое сè уште не е доволно препознаено

Во многу земји автохтоните животни раси се третираат како дел од националниот идентитет. Тие се заштитуваат, промовираат и користат како дел од културната дипломатија. Шарпланинецот има потенцијал за таква улога. Но неговата приказна сè уште не е доволно раскажана. За разлика од некои светски познати раси, кои одамна станале симболи на своите земји, шарпланинецот останува недоволно искористен потенцијал.

Причините се повеќе:

  • недоволна институционална промоција;
  • недостаток на национална стратегија;
  • недоволно поврзување со туризмот;
  • слаб маркетинг;
  • губење на традиционалното знаење.

Ова не значи дека шансата е изгубена. Напротив. Во време кога светот повторно ги открива локалните вредности, автохтоните раси добиваат ново значење.


Шарпланинецот како дел од македонската приказна

Замислете турист кој доаѓа во Македонија. Покрај добрите услови за сместување, добрата храна, гостопримството…. тој бара искуство. Бара приказна. Бара нешто што не може да го најде насекаде. А што е поавтентично од:

  • планинско село;
  • старо бачило;
  • традиционално производство на сирење;
  • пешачење низ планина;
  • средба со вистински шарпланинец?

Тука лежи огромниот потенцијал. Шарпланинецот може да биде дел од:

  • планински туризам;
  • етнотуризам;
  • едукативен туризам;
  • фотографски туризам;
  • културни манифестации.

Тој може да стане симбол на македонските планини исто како што одредени животни станале препознатливи амбасадори на други држави.


Национален центар за шарпланинец – идеја за иднината

Еден од најзначајните чекори би било создавање национален центар посветен на расата.

Таков центар би можел да има повеќе функции:

Музејска функција

Презентирање на:

  • историјата на расата;
  • старите фотографии;
  • опремата на овчарите;
  • традиционалните бачила.

Научна функција

Истражување на:

  • генетиката;
  • здравјето;
  • селекцијата;
  • однесувањето.

Образовна функција

Организирање:

  • предавања;
  • работилници;
  • програми за млади.

Туристичка функција

Посетителите би можеле да ја запознаат расата директно.

Таков центар би бил мост меѓу науката, традицијата и економијата.


Фестивал на шарпланинецот – повеќе од изложба

Во Македонија постојат бројни културни фестивали. Но еден национален фестивал посветен на шарпланинецот би можел да има уникатен карактер. Не би бил само натпревар за убавина.

Туку манифестација за прослава на цел еден начин на живот.

Програмата би можела да вклучува:

  • изложби на расата;
  • демонстрации на работа со стада;
  • презентации на одгледувачи;
  • традиционална музика;
  • планинарски тури;
  • презентација на локална храна;
  • детски едукативни програми.

Со тоа шарпланинецот би се изместил од рамката „куче“ и би станал културен настан.


Поддршка на одговорното одгледување

Иднината на расата зависи од квалитетот на одгледувањето.

Потребен е модел кој ќе ги почитува и традицијата и науката.

Тоа значи:

  • регистрација на единките;
  • здравствени проверки;
  • следење на генетската разновидност;
  • зачувување на работните линии;
  • едукација на сопствениците.

Посебно внимание треба да добијат старите работни линии.

Тие носат нешто што не може лесно да се создаде повторно:

  • искуство.
  • Генерации селекција.
  • Прилагодување на условите.

Улогата на државата и локалните заедници

Заштитата на шарпланинецот не може да биде оставена само на ентузијасти.

Потребна е соработка меѓу:

  • државни институции;
  • општини;
  • ветеринарни организации;
  • кинолошки здруженија;
  • сточари;
  • научни установи.

Локалните заедници особено имаат важна улога.

Општините со планински региони можат да го вклучат шарпланинецот во:

  • туристички стратегии;
  • културни програми;
  • рурални развојни планови.

Она што денес изгледа како традиција, утре може да стане економска можност.


Меѓународна промоција

Светот денес е поврзан повеќе од кога било. Една добра приказна може да стигне до милиони луѓе.

Шарпланинецот има сè што е потребно за меѓународна приказна:

  • древно потекло;
  • драматична планинска средина;
  • силен карактер;
  • врска со човекот;
  • уникатен изглед.

Потребна е современа промоција:

  • професионални фотографии;
  • документарни филмови;
  • дигитални архиви;
  • присуство на светски изложби;
  • соработка со странски одгледувачи.

Во XXI век не победува само оној што има богатство.

Победува оној што знае да го раскаже.


Шарпланинецот како симбол на отпорност

Можеби најголемата порака што ја носи оваа раса е токму отпорноста. Тој преживеал затоа што бил приспособлив. Но никогаш не ја изгубил суштината. Исто како и општествата, расите мора да се менуваат за да опстанат. Но промената не смее да значи губење на идентитетот. Шарпланинецот може да биде пример за тоа како традицијата и модерниот начин на живот можат да живеат заедно.


Последната порака – чуварот што треба ние да го чуваме

Со векови човекот барал заштита од шарпланинецот. Од него очекувал:

  • да го чува стадото;
  • да ја брани куќата;
  • да ја заштити планината.

Денес улогата е обратна. Сега човекот треба да го заштити него. Не затоа што шарпланинецот е слаб. Туку затоа што секое културно богатство може да исчезне ако биде заборавено.

Зачувувањето на шарпланинецот значи зачувување на:

  • македонските планини;
  • сточарската традиција;
  • народното знаење;
  • биолошката разновидност;
  • дел од националната приказна.

На крајот, најголемата вредност на шарпланинецот не е само во тоа што тој ја чува Македонија.

Туку во тоа што преку него Македонија може повторно да се сети на сопствената сила и големина на вредности.

Крај

Приказна од Sammiana – Македонска Бесконечна Трансверзала 

Лина Халбрат дојде во Македонија со намера да ја обиколи земјата одејќи по Македонската Бесконечна Трансверзала и запознавајќи ја земјата преку бројните природни убавини по нејзиниот пат.

Лина стартуваше од центарот на трансверзалата во село Капиново и веќе повеќе од еден месец оди по македонските планини, низ сите временски прилики и неприлики во овој период. Лина ги помина секциите I1, I2 и I3 сама, но кога ја започна секцијата I4, ѝ се придружи еден нов сопатник – бездомно куче кое почна да ја следи на секој чекор и кое Лина го нарече Сам (по Саммиана). Сам стана нејзин верен сопатник во следните денови низ Малешевските Планини, Плачковица и Осогово, па Лина и Сам станаа толку неразделни што Сам сега се подготвува со потребните документи и здравствени прегледи за да може да патува со Лина во својот нов дом во Шведска.

Лина во моментов ја заврши и секцијата I5 (Осоговската Трансверзала), со што веќе има поминато над 750 км од Македонската Бесконечна Трансверзала. И не застанува тука. Одлучна е да ја помине целата јавно достапна Трансверзала!

На Лина ѝ посакуваме понатамошно уживање по македонските планини, а на Сам му посакуваме среќен пат во Шведска. Едно е сигурно – двајцата веќе се неразделни пријатели и ги очекуваат уште многу заеднички авантури! 🐾❤️

🇬🇧 A Story from the Trail ❤️

Lina Hallebratt came to Macedonia with one goal in mind: to explore the country by hiking the Sammiana – Macedonian Endless Trail and discovering the countless natural beauties along the way.

She started her journey from the center of the trail, in the village of Kapinovo, and for more than a month she has been hiking across Macedonia’s mountains, through all kinds of weather and conditions. She completed sections I1, I2, and I3 on her own, but at the beginning of section I4 an unexpected companion joined her—a stray dog that started following her every step.

Lina named him Sam (after Sammiana), and he quickly became her faithful hiking companion through the mountains of Macedonia. As the days passed, the bond between them grew so strong that Sam is now going through all the necessary paperwork and veterinary checks so he can travel with Lina to his new home in Sweden.

Meanwhile, Lina has also completed section I5 (the Osogovo Traverse), bringing her total distance on the Macedonian Endless Trail to more than 750 kilometers. But she’s not stopping there. Her goal is to complete the entire publicly accessible trail!

We wish Lina many more unforgettable days in the Macedonian mountains and every success in completing the entire trail. And we wish Sam a safe journey to his new home in Sweden.

One thing is certain – they have become inseparable friends, and many more adventures await them together.

Преземено од Sammiana – Македонска Бесконечна Трансверзала

Веднаш по преземањето на министерската функција Борче Серафимовски излезе на терен меѓу земјоделците

Веднаш откако ја презеде функцијата Министер за земјоделие, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски го “фати” теренот помеѓу земјоделците.

“Од денес ја преземам одговорноста да го предводам Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Му благодарам на Трипуновски за досегашната работа, посветеноста и придонесот во стабилизирањето на секторот. Сите започнати политики и развојни проекти што се во интерес на земјоделците ќе продолжат без застој.

Пред нас е следната развојна фаза која е насочена кон поголемо и поквалитетно домашно производство, сигурен пласман, модерни земјоделски стопанства и одговорно управување со шумите и водните ресурси.

Резултатите ќе ги мериме според тоа што реално го добива македонскиот земјоделец.

Продолжуваме посветено, одговорно и со уште посилно темпо”

-напиша на социјалниоте мрежи од првиот официјален настан Борче Серафимовски по стапувањето на новата функција.

Човекот кој произлегува директно од ресорот како долгогодишен експерт во работењето во самото министерство, сега ја префрли својата работа во фармите и земјоделските стопанства на терен од каде упати свои пораки кои ветуваат одржлив развој во ресорот.

Тој во изминатите два дена беше помеѓу земјоделците на кавадаречкиот крај од каде врз основа на експертска и технолошка анализа ја пренесе во јавност загарантираната минимална цена за откуп на лозовиот род за оваа година.

“Од Кавадаречко денеска ја соопштив откупната цена на винското грозје: 21,8 денари за килограм вранец и 20 денари за килограм смедеревка.

Зад секој килограм грозје стојат труд, знаење и вложувања во текот на целата година, поради тоа цените се утврдени врз основа на реалните трошоци на лозарите и законски предвиденото зголемување од 25 отсто.

Обезбедуваме фер, транспарентен и предвидлив процес, во кој трудот и вложувањата на лозарите се соодветно вреднувани.

Пресметката е изработена од Земјоделскиот институт – Скопје, врз основа на теренски истражувања и анализа на трошоците на репрезентативен примерок на лозарски стопанства.

Како министер, една од моите цели е домашното лозарство и винарската индустрија да имаат стабилни услови и поддршка за понатамошен одржлив и конкурентен развој”,

Напиша на социјалните мрежи Министерот Серафимовски во однос на неговата посета на кавадаречкиот крај и производителите на винова лоза.

Во Општина Чешиново-Облешево Министерот Серафимовски се сретна со градоначалникот Јорданчо Костадиновски со кого разговараше за повеќе теми од ресорот во оваа рурална општина.

“Попладнево ја посетив Општина Чешиново-Облешево, каде со градоначалникот Јорданче Костадинов разговаравме за состојбата по потврденото присуство на болеста сипаници кај овци и кози. Во вакви околности неопходно е координирано постапување на надлежните институции, доследно почитување на стручните препораки и преземање на сите потребни мерки за заштита на сточниот фонд.

Заедно со градоначалникот остваривме средба и со оризопроизводителите од општината и поширокиот регион. Внимателно ги сослушавме нивните ставови, согледувања и очекувања во врска со годинашната реколта, кои ќе бидат земени предвид при натамошното институционално постапување на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ќе продолжам отворено и непосредно да разговарам со земјоделците на терен, затоа што нивниот глас и реалните состојби во производството мора да бидат основа за одговорно носење одлуки.”

-напиша на социјалните мрежи Министерот Серафимовски во врска со оваа посета на источниот регион.

Фељтон: Македонскиот шарпланинец – живо национално богатство кое заслужува поголема грижа (трет дел)

Најголемата опасност не доаѓа од планината

Со векови шарпланинецот преживувал таму каде што многу други раси би исчезнале.

Низ историјата на Македонскиот шарпланинец тој преживеал сурови зими, напади од предатори, преживувал недостаток на храна…

Македонскиот шарпланинец како и целиот овој етнолошки региона на Балканот преживеал промени во држави, граници и општества, општествени турбуленции.

Но денес најголемата закана за неговото постоење не доаѓа од природата.

Доаѓа од исчезнувањето на светот што го создал.

Шарпланинецот е директно поврзан со традиционалното сточарство. Таму е неговата историска улога, неговата работа и неговата суштина.

Кога исчезнуваат стадата, исчезнува и потребата за големи чуварски кучиња.

Ова е можеби најголемиот парадокс на расата: кучето кое било создадено да ја штити човековата егзистенција, денес е загрозено од промената на самиот начин на живот на човекот.


Намалувањето на сточарството – тивка закана

Во минатото, македонските планини биле исполнети со движење.

Летно време – стадата се искачувале кон високите пасишта.

Есента – се враќале кон селата.

Бачилата биле центри на живот.

Со секое стадо од неколку стотици овци обично оделе и повеќе кучиња.

Денес сликата е различна.

Миграцијата од селата кон градовите, стареењето на руралното население и економската неисплатливост на традиционалното овчарство доведоа до намалување на бројот на активни бачила.

Последиците за шарпланинецот се директни:

  • помалку работни места за кучето;
  • помалку природна селекција;
  • губење на традиционалните линии;
  • намалување на знаењето за правилно одгледување.

Куче создадено да патролира километри планински терен тешко може целосно да ја изрази својата природа ако целиот живот го поминува во ограничен простор.


Урбанизацијата и погрешната претстава за расата

Сè повеќе шарпланинци денес се чуваат како дворни или домашни кучиња.

Самото тоа не е проблем.

Проблемот настанува кога сопствениците не ја разбираат природата на расата.

Шарпланинецот не е голем украсен предмет.

Тој не е куче кое само треба да изгледа моќно зад ограда.

Тој е интелигентно работно животно со силна потреба за:

  • простор;
  • движење;
  • јасни граници;
  • контакт со луѓето;
  • чувство на задача.

Кога овие потреби се игнорираат, може да се појават проблеми:

  • прекумерна територијалност;
  • нервоза;
  • непотребно лаење;
  • недоверба;
  • несоодветни реакции.

Честопати проблемот не е во кучето, туку во неразбирањето на неговата природа.


Опасноста од неконтролирано размножување

Една од најсериозните закани за секоја традиционална раса е размножувањето без план.

Кај шарпланинецот ова може да има долгорочни последици.

Не секое големо, влакнесто куче е вистински шарпланинец.

Со неконтролирано мешање со други раси може да се изгубат:

  • карактеристичниот темперамент;
  • издржливоста;
  • работните инстинкти;
  • стабилноста на карактерот;
  • препознатливиот изглед.

На краток рок можеби се добива куче кое визуелно потсетува на шарпланинец. Но на подолг рок се губи она што го прави расата посебна.

Затоа зачувувањето не значи само зголемување на бројот на кучиња. Потребно е зачувување на квалитетот.


Комерцијализацијата – меч со две острици

Интересот за шарпланинецот расте.

Тоа е добра вест.

Но секогаш кога некоја раса станува популарна, се појавува опасноста од неодговорно производство.

Кога мотивот е само продажбата, често се занемаруваат:

  • здравствените тестови;
  • карактерот;
  • генетската разновидност;
  • правилната социјализација.

Кученцата можат да бидат убави на фотографија, но вистинската вредност на шарпланинецот се гледа со години.

Кога ностите куче-шарпланинец да биде дел од вашето секојдневие, тоа не значи само посветување на внимание и време кога вам ви одговара. Тоа значи целосна посветеност и обврска цели 24 часа во денот. Шарпланинците се високо социјални кучиња и сакаат внимание, дружење, движење подолго време, негување, хранење, здравствена грижа…

Но сето тоа верувајте дека се исплати и се враќа во форма која што ниту една друга окупација не може да ви ја даде.


Климатските промени и новата реалност

Планинските екосистеми денес се менуваат.

Промените на температурата, намалувањето на снежните периоди и промените во достапноста на пасиштата влијаат врз традиционалното сточарство.

Иако шарпланинецот е исклучително приспособлив, неговиот начин на живот е поврзан со природната средина.

Ако исчезнат планинските стада и традиционалните пасишта, ќе исчезне и дел од неговата историска функција.

Затоа заштитата на расата не може да биде одвоена од заштитата на руралниот простор.


Шарпланинецот како културно наследство

Денес многу земји ги претвораат своите автохтони раси во национални симболи.

Не затоа што се најголеми или најопасни.

Туку затоа што претставуваат приказна.

Норвешка ги штити своите традиционални раси.

Италија ги промовира своите овчарски кучиња.

Шпанија ги афирмира своите чувари на добиток.

Македонија има свој симбол – шарпланинецот.

Тој може да биде дел од:

  • етнолошки туризам;
  • рурални фестивали;
  • образовни програми;
  • изложби;
  • национални брендови.

Можност за нова економска улога

Зачувувањето на шарпланинецот не мора да биде само културна мисија.

Може да има и економска вредност.

Потенцијални можности:

Развој на одгледувачки туризам

Љубителите на расата од различни земји се заинтересирани за:

  • посети на одгледувачници;
  • запознавање со традиционалниот начин на живот;
  • планински тури.

Поддршка на сточарството

Добрите чувари на стада можат да помогнат во намалување на загубите од предатори.

Национален бренд

Шарпланинецот може да стане препознатлив симбол како што се:

  • липицанерот за Австрија;
  • акитата за Јапонија;
  • бернскиот планински пес за Швајцарија.

Што треба да се направи?

Зачувувањето на расата бара системски пристап.

Потребни се:

Национален регистар

Создавање база на податоци за популацијата.

Генетска програма

Следење на генетската разновидност.

Поддршка на традиционалните одгледувачи

Особено на оние што ги чуваат работните линии.

Образование

Младите генерации треба да знаат дека шарпланинецот не е само куче, туку дел од историјата.

Промоција

Поголемо присуство на домашни и меѓународни настани.


Последниот чувар на планината

Кога денес ќе сретнеме стар овчар со својот шарпланинец, на некоја од Македонските планини или пасишта тоа не е само човек со куче… Тие двајца заедно претставуваат една убава приказна која чека да биде раскажана… а таквите приказни ја чинат нашата историја и даваат забележителен белег на нашето време.

Во погледот на шарпланинецот се гледаат векови поминати на планинските падини, традиција која зборува многу за тоа што било.

Во неговото однесување се гледа мудроста на природната селекција.

Во неговата верност се гледа односот меѓу човекот и животното што траел многу подолго од современите граници и институции.

Но иднината на шарпланинецот нема да зависи само од неговата сила.

Ќе зависи од тоа дали луѓето ќе разберат дека некои богатства не исчезнуваат одеднаш.

Тие исчезнуваат тивко.

Прво исчезнуваат стадата.

Потоа бачила.

Потоа приказните.

И на крај – расата.

Затоа задачата не е само да го зачуваме кучето.

Туку да го зачуваме светот што го создал.


Дел IV

Во следниот дел ќе следува завршната голема анализа:

„Шарпланинецот како национален бренд – визија за иднината“

Продолжува…