Администратор

Owner, Manager, web developer, graphic designer, CPanel & WHM specialist content editor & author at Anastasov Limited DOOEL Grad Delchevo

Средба на министерот Серафимовски со амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, се сретна со амбасадорката на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова. На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и заедничкиот интерес за понатамошно унапредување на билатералната соработка во земјоделството.

Посебно внимание беше посветено на трговската размена и на можностите за нејзино зголемување и проширување со нови земјоделски и прехранбени производи. Беше разговарано и за подобро поврзување на деловните субјекти од двете земји, промоција на македонските производи на словачкиот пазар и создавање услови за нови трговски партнерства.

На средбата стана збор и за европските интегративни процеси, со акцент на усогласувањето на земјоделскиот сектор со европските стандарди и политики. Искуството на Словачка како земја членка на Европската Унија беше посочено како значајно за јакнењето на институционалните капацитети, примената на европските правила и подготовката на македонското земјоделство за заедничкиот европски пазар.

Серафимовски: Инспекторите продолжуваат со секојдневните контроли на откупните пунктови

Државата не ја диктира пазарната цена, но има обврска да обезбеди законски, транспарентен и предвидлив откуп, притоа да не дозволи трудот на земјоделците да остане незаштитен пред пазарната неизвесност. Воден од таа одговорност, денеска во Струмица одржав одделни средби со производителите на пиперка и со регистрираните откупувачи – трговци.

Производителите ме запознаа со последиците од временските непогоди, трошоците и откупните цени, а трговците со побарувачката, извозните можности, планираните количини и динамиката на откупот.

Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.

Извор: Борче Серафимовски

Јавен повик за промотивни активности од областа на земјоделството и руралниот развој за организирање на локални манифестации и саеми

Врз основа на член 101 став (1) од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Р Македонија“ бр. 49/10, 53/11, 126/12, 15/13, 69/13, 106/13, 177/14, 25/15, 73/15, 83/15, 154/15, 11/16, 53/16, 120/16, 163/16, 74/17, 83/18, 27/19, 27/19 и „Службен весник на РС Македонија“ бр. 152/19, 244/19, 275/19, 110/21, 123/22, 65/23 и 218/24), член 3 став (1) алинеја 1 и ставовите (2), (3), (4) алинеја 1 и (5) член 11 ставовите (1), (4), (10) ,(11)  и (12) , член 12 ставовите (1), (2) (3) и (4)  член 13 ставовите (1), (3), (5), (6) и (7) и член 14 став (1) од Уредбата за видот на активности, максималниот износ по активности, корисниците, субјектите кои учествуваат во постапката, поблиските критериуми и начинот за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој („Службен весник на РС Македонија“ бр. 208/19, 236/19, 53/21, 175/21, 257/21, 67/22, 81/22, 206/22, 43/23, 123/23, 223/23, 82/24, 188/24, 26/25, 88/25, 157/25, 29/26 и 92/26  ) и дел II став (2) точка 1 „Техничка поддршка во земјоделството и руралниот развој“ потточка 1.1 „Промотивни активности од областа на земјоделството и руралниот развој во Република Северна Македонија“ од Програма за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 („Службен весник на РС Македонија“ бр. 30/26 и 64/26), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објавува Јавен повик за промотивни активности од областа на земјоделството и руралниот развој во Република Северна Македонија за организирање на локални манифестации и саеми.

Јавен повик

Упатство

Средба на министерот Серафимовски со претставници на регистрираните откупувачи – трговци и со производителите на пиперка од Струмичко

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска во Струмица оствари одделни средби со претставници на регистрираните откупувачи – трговци и со производителите на пиперка од Струмичко.

Во разговорот со откупувачите беа отворени прашањата за тековната динамика на откупот, цените според класата и намената на производот, количините што можат да бидат преземени, извозните можности и навремената исплата кон производителите на пиперка.

На средбата министерот Серафимовски потсети на обврската условите за откуп да бидат однапред познати, цените јавно истакнати, а класификацијата прецизна и доследна.

„Цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да ги сослуша аргументите на сите страни, да обезбеди почитување на правилата и да придонесе за откуп на пиперката што ќе го вреднува трудот на земјоделците и ќе овозможи непречен пласман“, истакна министерот Серафимовски.

На одделната средба со производителите на пиперка беа сослушани нивните забелешки и барања поврзани со почетните откупни цени, производствените трошоци и последиците од временските непогоди врз годинашната реколта.

Министерот Серафимовски истакна дека секој земјоделец, независно дали настапува индивидуално или преку здружение, има право неговите аргументи да бидат разгледани сериозно и одговорно.

„Зад секој предаден килограм стојат вложувања, труд и приход на едно земјоделско семејство. Затоа разговорот за откупот не смее да се сведе само на бројки, туку мора да ја опфати и одговорноста на секој учесник во синџирот. Секој земјоделец што се соочува со реален проблем е легитимен соговорник “, порача министерот Серафимовски.

Министерот Серафимовски информираше дека Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.

Во текот на наредната недела министерот Серафимовски ќе се сретне и со сопствениците на преработувачките капацитети, со кои ќе разговара за расположливите капацитети, планираните количини за откуп и можностите за пласман на годинашната реколта на пиперката.

103,2 милиони евра за „Злетовица“ – вода за земјоделците и нова сила за регионот

Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски го потпиша договорот за неповратен грант од 103,2 милиони евра обезбедени од Светската Банка за развој на хидросистемот “Злетовица” во Пробиштип и Кратово.

“Го отвораме патот кон инвестиција проценета на околу 103,2 милиони евра, која на земјоделците од Пробиштипско и Кратовско ќе им овозможи наводнување на околу 4.500 хектари. Тоа значи производство што ќе се планира според потенцијалот на земјиштето и потребите на пазарот, наместо да зависи од врнежите.

Со грантот од 2 милиони американски долари, обезбеден од Светската банка, започнува подготовката на фазата за наводнување и фазата за производство на електрична енергија. Државата ќе учествува со околу 27 милиони евра за експропријација, ДДВ и други релевантни јавни давачки, создавајќи ги условите проектот да премине во реализација.

„Злетовица“ ќе отвори можности за нови култури, поефикасно користење на земјоделските површини и развој на локални капацитети за откуп и преработка. Истовремено, со очекувано производство од приближно 48 милиони киловат-часови чиста домашна електрична енергија годишно, водниот потенцијал на регионот ќе создава додадена вредност и за енергетиката.”

-напиша Борче Серафимовски- Министер за земјоделие, шумарство и водостопанство на социјалните мрежи во врска со реализацијата на оваа значајна соработка со светската финансиска институција.

Борче Серафимовски: Меѓу земјата и огнот стои грижата

Напуштената нива никогаш не останува празна, ниту пак неодржуваното пасиште навистина мирува. Земјиштето од кое човекот се повлекува постепено го освојува густата вегетација, создавајќи пат по кој огнот може да прерасне во закана за цел регион. Затоа заштитата од пожари започнува со човечкото присуство и грижата за земјата.

Секоја нова бразда, секое стадо на пасиштата и секоја грижливо чувана шума го прекинуваат патот на огнот. Преку тие секојдневни, а на прв поглед речиси незабележливи постапки, се зачувуваат влагата во почвата, разновидноста на природата, земјоделското производство и безбедноста на руралните средини.

Живото земјоделство ги штити изворите и реките, ја одржува почвата плодна и не дозволува пределот да стане лесен плен на огнената стихија. Секаде каде што земјата има свој стопан, природата има посилен сојузник.

Наша обврска е да развиваме однос кон земјата и природата во кој превенцијата ќе прерасне во трајна култура на грижа.

Пожарот се гасне кога ќе избувне, но неговата сила се одзема многу порано – со секоја педа земја што не сме ја оставиле на заборавот.

Коментар на Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски пренесен преку социјалните мрежи

Издавање на Уверение за квалитет В1 или сертификат за извоз на вино целосно по дигитален пат со неколу кликови

Уште една услуга достапна преку националниот портал на Министерството за дигителна трансформација и Владата на Република Македонија за издавање на ваѓжни документи за земјоделците целосно преку интернет на едноставен начин со неколку кликови.

Овој пат станува збор за издавање на Уверение за квалитет В1 или сертификат за извоз на вино кој што на земјоделските стопанства им е потребен во остварувањето на нивната дејност

Постапката накратко е пропишана на самиот веб портал https://uslugi.gov.mk/. каде може да се поднесе барањето со сите пропратни документи на сл. линк тука.

1.Винариите поднесуваат електронско Барање преку нашата веб страна.

2.Инспекторот постапува по добиено Барање ја разгледува потребната документација ( лабраториска анализа, решение за ставање во промет на виното и уплати согласно Правилникот на ДИЗ ) и излагува на терен, односно прави инспекциски надзор на виното кое е предмет за извоз.

3.По извршениот инспекциски увид и проверка на потребната документација инспекторот издава Уверение за квалитет В1 ако виното се извезува во ЕУ земји или Сертификат за извоз на вино во трети земји и зема мостра.

Потребни документи

  • Лабораториска анализа
    Начин на достава: Доказ кој го доставува барателот на услугата

Потребни документи за добивање на Уверение за квалитет В1 или сертификат за извоз на вино во трети земји

  • Решение за ставање на виното во промет
    Начин на достава: Доказ кој го доставува барателот на услугата

Потребни документи за добивање на Уверение за квалитет В1 или сертификат за извоз на вино во трети земји

Преку uslugi.gov.mk ДИЗ започна со издавање на Уверение за квалитет – сертификат на земјоделски производи, преработки и стоки

Од министерството за дигитална трансвормација ја информираат јавноста за воведувањето на уште една дигитализирана услуга достапна преку националниот портал https://uslugi.gov.mk/.

Станува збор за издавање на Уверение за квалитет – сертификат на земјоделски производи, преработки и стоки кое што го издава Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) отсега целосно во дигитална форма.

Сите граѓани кои што имаат потреба од издавање на ваков докумнт истиот може да го обараат преку системот достапен на сл. линк тука.

Во објаснувањето за постапката објавено на националниот портал стои:

1.Инспекторот по предходно поднесено барање од страна на правното лице извозник на преработен тутун, зема мостри за определување на типот и класата на тутнот кој е предмет на извоз.

2.Инспекторот прави записник и поднесува барање до акредитирана лабраторија за тутун која треба да изврси анализа и проценка на типот, калсата и квалитетот на тутунот.Доколку лабраторијата констатира дека тутонот ги исполнува стадардите за квалитет согласно правилниците за тутун, правното лице преку електронскиот портал поднесува барање за добивање на Уверение за квалитет – сертификат на земјоделски производи, преработки и стоки.

3.По добиеното барање инспекторите во рок од 3 дена на правното лице му издаваат Уверение за квалитет – сертификат на земјоделски производи, преработки и стоки.

а во прилог на објавата се дадени и сите пропратни документи.

ПОДГОТОВКИ ЗА ЛЕТНАТА СЕЗОНА НА ПОЖАРИ: ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ОТПОРНОСТА НА ПРЕДЕЛИТЕ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН

Секое лето, пределите низ Западен Балкан се соочуваат со зголемен ризик од пожари. Повисоките температури, продолжените сушни периоди и променливите врнежи ја прават сезоната на пожари подолга и понепредвидлива. Иако овие услови не можат да се контролираат, отпорноста на пределите може. Подготовката за летната сезона не значи само подготвеност за реакција кога ќе избувне пожар, туку создавање предели што можат да издржат, да апсорбираат и да се обноват по пожар.

Отпорноста на пределите се гради многу пред да пристигне првиот топлотен бран. Таа зависи од тоа како шумите, пасиштата, земјоделските и руралните подрачја се управуваат во текот на целата година. Здрави, разновидни и добро управувани предели се помалку ранливи на силни пожари отколку оние каде вегетацијата неконтролирано се натрупува или каде традиционалното управување исчезнало. Еден од најголемите предизвици за регионот е постепеното напуштање на земјоделското земјиште. Како што земјоделските активности опаѓаат, поранешните ниви и пасишта   обраснуваат со грмушки, треви и млади дрвја, создавајќи континуирана вегетација што овозможува пожарите брзо да се шират. Одржувањето активни земјоделски предели – преку производство на култури, овоштарници или сточарство – помага да се прекине овој континуитет и создава природни бариери што ја намалуваат јачината на пожарите.

Традиционалните практики за управување со земјиштето и денес нудат вредни лекции за градење отпорност.  Сезонската испаша, внимателното одржување на пасиштата и одржливото користење на шумите со генерации ги обликувале пределите. Овие практики не само што ја поддржувале егзистенцијата на локалното население, туку и го ограничувале натрупувањето на вегетација што може да служи како горивен материјал во сувите лета. Препознавањето и поддршката на овие пристапи може да ги зајакне и руралните заедници и отпорноста на пожарите.

Шумите имаат централна улога во подготовката за сезоната. Разновидни шуми со мешавина од видови, различни старосни класи и здрава подраст се поотпорни на пожари од густи и еднолични насади. Одржливото управување со шумите помага да се намали прекумерното натрупување  горивен материјал и го подобрува здравјето на екосистемот. Редовното следење, селективното проредување и отстранувањето на суви или заболени дрвја придонесуваат шумите подобро да се приспособат на променливите климатски услови. Подготовката за лето значи и заштита на поширокиот предел, а не само на шумите. Мочуришта, реки, ливади и земјоделски површини сите придонесуваат за отпорност, создавајќи природна разновидност што го забавува ширењето на пожарите. Зачувувањето на овие елементи ја поддржува биолошката разновидност и ја намалува веројатноста за големи, континуирани пожари.

Биодиверзитетот сам по себе ја зајакнува отпорноста. Пределите со разновидни растителни видови и живеалишта полесно се справуваат со нарушувања, вклучително и пожари. Автохтоната вегетација, приспособена на локалните услови, често се обновува поефикасно отколку деградирани екосистеми со инвазивни или лесно запалливи видови. Обновата на природните живеалишта и поттикнувањето на еколошка разновидност придонесуваат и за заштита и за управување со пожари.

Заедниците се исто толку важни во создавањето отпорни предели. Жителите, земјоделците, сопствениците на земјиште и локалните организации имаат вредно знаење за својата околина и често први ги забележуваат промените во вегетацијата или користењето на земјиштето. Нивното учество во управување, реставрација и кампањи за подигање на свеста обезбедува отпорност што се гради од локално ниво па нагоре. Едукацијата има голема улога – разбирањето како пределите се менуваат со текот на времето, како климата влијае врз пожарите и како секојдневните одлуки за управување влијаат врз ризикот, им овозможува на заедниците да носат информирани одлуки. Училиштата, локалните организации и еколошките програми придонесуваат за создавање култура каде превенцијата и грижата за пределот стануваат дел од секојдневието.

Градењето отпорност зависи и од соработката. Пожарите на ниво на предел не  препознаваат административни граници, па затоа ни превенцијата не треба да биде ограничена. Општините, шумските служби, земјоделските агенции, еколошките организации и истражувачките институции имаат важна улога во управувањето на регионално ниво. Меѓуграничната соработка овозможува размена на знаење, координација на активностите за реставрација и развој на заеднички пристапи кон одржливо управување. Отпорните предели не се создаваат со еден проект или една сезона, туку со постојани вложувања во здравјето на екосистемите, одржливо користење на земјиштето и ангажман на заедниците. Обновата на деградирани подрачја, одржувањето на традиционалните земјоделски практики, зачувувањето на природните живеалишта и интегрирањето на ризикот од пожари во плановите за користење на земјиштето сите придонесуваат за намалување на идната ранливост.

Подготовката за летната сезона на пожари треба да се гледа како можност за зајакнување на пределите, а не само за намалување на опасностите. Секоја обновена ливада, одржливо управувана шума, активна фарма и заштитено мочуриште придонесуваат за предел што е подобро подготвен да се справи со променливата клима. Овие активности не само што го намалуваат потенцијалниот ризик од пожари, туку ја поддржуваат биолошката разновидност, ја подобруваат водната ретенција, ги штитат почвите и ја зајакнуваат долгорочната одржливост на руралните заедници.

Министерот Серафимовски се сретна со амбасадорот Рокас: Продолжува соработката со Европската Унија во областа на земјоделството

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Н.Е. Михалис Рокас. Во фокусот на разговорите беа реформите во земјоделството, користењето на европската поддршка и натамошното унапредување на соработката со Европската Унија.

Соговорниците разговараа за процесот на усогласување со европските стандарди во земјоделството и руралниот развој, безбедноста на храната и фитосанитарната политика.

„Европската интеграција во земјоделството значи посилни институции, повисоки стандарди и поконкурентно домашно производство. Нашата цел е европската поддршка да ја претвориме во конкрерни и одржливи придобивки за земјоделците и за руралните средини“, истакна министерот Серафимовски.

На средбата беше потврдена заедничката определба за одговорно користење на расположливите европски фондови и за навремено исполнување на преземените обврски. Посебно внимание беше посветено на функционалноста на воспоставените системи и потребата реформите да дадат долгорочни позитивни резултати.