Започна распределбата на т.н. зелена нафта за земјоделците
Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски денеска од Битола ја информираше јавноста и земјоделците дека започна распределбата на ваучерите за користење на т.н. зелена нафта за земјоделците.
“На земјоделците им обезбедуваме 9,5 милиони евра поддршка за зелена нафта – помош за трошоците за гориво при обработката на нивите. Подготвени се 48.037 картички, кои од денеска се достапни за корисниците.
На денешната средба со земјоделците во Битола им ги врачив првите картичките за зелена нафта. За корисниците опфатени преку битолското подрачно одделение се подготвени 3.858 картички, со вкупна вредност од над 57,5 милиони денари.
Есенската обработка на почвата и сеидбата бараат значителни вложувања во семенски материјал, ѓубрива и механизација. Трошоците се прават сега, а приходите од родот доаѓаат подоцна. Со оваа помош го намалуваме финансискиот товар во подготовките за наредната реколта.
Поддршката е дел од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година и изнесува од 3.200 до 12.000 денари по хектар, зависно од културата. Износот за секој корисник се утврдува според површините и културите пријавени во барањата за директни плаќања во 2025 година.”
-напиша на социјалните мрежи министерот Серафимовски.




