Бизнис

Започна порибувањето на Охридското Езеро со охридска пастрмка, Хоџа дел од активностите на езерото

Пред неколку денови започна процесот на порибување на Охридското Езеро со охридска пастрмка. Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со претставници на Државниот инспекторат за земјоделство и ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, учествуваше во првата фаза од порибувањето на езерото.

Согласно договорот помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, во оваа фаза е предвидено порибување со 100 илјади единки охридска пастрмка, произведени од вештачкиот мрест во 2025 година.

Подмладокот со кој се порибува Охридското Езеро во оваа фаза е со просечна тежина од околу 16 грама, а процесот започна денес и ќе продолжи во текот на следните 5 до 6 дена.

Порибувањето се врши на локалитетите Трпејца, Пештани, Радожда, Калишта, Охрид и Струга. Станува збор за локалитетите од кои во текот на 2025 година беа уловени матици од природната популација на Охридското Езеро, од кои беше обезбеден репродуктивниот материјал за вештачкиот мрест.

Со реализацијата на оваа фаза, ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид ја исполнува преземената обврска од договорот со Министерството за порибување со охридска пастрмка произведена од вештачкиот мрест во 2025 година.

Целиот процес се одвива под надзор на надлежните институции, во присуство на инспектор од Државниот инспекторат за земјоделство и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Процесот ќе продолжи и во текот на месец септември, кога ќе започне порибувањето со околу 1,5 милиони единки охридска пастрмка, одгледани во ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид од вештачкиот мрест во 2026 година. Оваа фаза се очекува да трае околу три недели.

Во двете фази, Охридското Езеро ќе биде порибено со вкупно околу 1,6 милиони единки охридска пастрмка, како дел од активностите за обновување и зачувување на популацијата на овој автохтон вид, кој има особено значење за биолошката разновидност на Охридското Езеро.

Министерството, во соработка со надлежните научни и инспекциски институции, ќе продолжи со активностите за заштита и обновување на популацијата на охридската пастрмка и зачувување на биолошката разновидност на Охридското Езеро.

Министерот Серафимовски во Белград: Потврдена подготвеноста за продлабочување на соработката со Србија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски во Белград се сретна со својот српски колега, Драган Гламочиќ. Во фокусот на разговорот беа можностите за продлабочување на соработката во земјоделството, преработката, безбедноста на храната и ветеринарната заштита, како и создавањето нови развојни можности меѓу двете земји.

Министрите Серафимовски и Гламочиќ посочија дека географската близина, поврзаноста на пазарите и сличните предизвици со кои се соочуваат земјоделците претставуваат добра основа за поцврсто партнерство. Соработката меѓу двете земји, како што беше нагласено, треба да добие практична димензија преку размена на знаење и технологии, нови деловни врски и подобро поврзување на примарното производство со преработувачката индустрија.

Министерот Серафимовски нагласи дека македонското земјоделство влегува во нова развојна фаза во која институционалната поддршка се насочува кон поттикнување  на поголемо и поквалитетно производство, модернизација и подобра пазарна позиција на домашните производи.

„Нашата задача е земјоделството да произведува повеќе и поквалитетно, да привлече нови инвестиции, да биде подготвено за климатските и пазарните промени и да понуди препознатливи производи со поголема додадена вредност, усогласени со европските стандарди. Регионалната соработка може да ја забрза таа промена и да отвори нови можности за земјоделците и сточарите“, истакна министерот Серафимовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, Драган Гламочиќ, оцени дека двете држави имаат добра основа за натамошно продлабочување на соработката, особено преку размена на искуства во модернизацијата на производството и усогласувањето со европските земјоделски политики. Тој посочи дека редовниот дијалог меѓу министерствата може побрзо да ги трансформира заедничките иницијативи во конкретни проекти.

„Со поголема поврзаност меѓу институциите, земјоделците и деловната заедница можеме да создадеме простор за нови инвестиции и посилен регионален пазар“, истакна министерот Гламочиќ.

Хоџа: Повеќе пастрмка за Охридското Езеро, годинава се планира порибување со околу 1,6 милиони единки

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со претставниците на Државниот инспекторат за земјоделство, Мирко Укоски и Арбнор Арифи, го посетија Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде одблиску се запознаа со процесот на вештачко размножување на охридската пастрмка и подготовките за порибување на езерото со подмладок.

Со пловниот објект на Министерството, тие патуваа од Струга кон Охрид, а за време на посетата Душица Илиќ Боева од Хидробиолошкиот завод ги презентираше сите фази од процесот, од икрата и инкубацијата, до одгледувањето и подготовката на подмладокот за порибување на Охридското Езеро.

Според информациите презентирани за време на посетата, годинава се планира порибување на Охридското Езеро со околу 1,6 милиони единки охридска пастрмка, што е за околу 500 илјади повеќе од минатата година.

„По шестгодишниот прекин за време на претходната власт, со кој сериозно беше доведен во прашање континуитетот на овој важен процес, Владата минатата година повторно го воспостави процесот на вештачко размножување и порибување на Охридското Езеро со пастрмка. Оваа година продолжуваме со уште поголем капацитет. Охридската пастрмка е едно од најголемите богатства на нашето езеро и нејзината заштита е наша заедничка одговорност“, истакна Хоџа.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи со активностите и институционалната поддршка за заштита, размножување и зачувување на охридската пастрмка, како автохтон вид и едно од најзначајните природни богатства на Охридското Езеро.

Директорот на ДИЗ Ивица Ангеловски на терен во посета на земјоделските стопанства во струмичко

Денес, в.д. директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Ивица Ангеловски во присуство на неколку државни земјоделски инспектори го посети Струмичкиот регион, каде што во тек е интензивниот откуп на ајварска пиперка од годинешната реколта.

​Во рамки на посетата беа реализирани обиколки на повеќе откупни пунктови, при што беше извршен увид во текот на откупот, примената на законските прописи и условите под кои се одвива приемот на ајварската пиперка.

Според договореното, ајварската пиперка се откупува по цена од 40 денари за прва класа, 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа, и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа.

Најголем дел од откупените количини се наменети за преработка кај домашните преработувачи, додека одреден дел од откупените количини се наменети за извоз во Хрватска, Србија, Бугарија и други држави.

​Државниот инспекторат за земјоделство и во наредниот период ќе продолжи со засилени инспекциски контроли на откупните пунктови во Струмичкиот регион, со цел доследно почитување на законските одредби, обезбедување фер и транспарентен откупен процес и заштита на интересите на земјоделските производители.

Министерот Серафимовски на средба со лозарите во регионот околу Неготино

Денес во Неготино се сретнав со лозарите од регионот и ги слушнав нивните ставови и очекувања во пресрет на гроздоберот. Разговаравме отворено за состојбата во лозарството, трошоците за производство, очекуваниот род и квалитет, како и за прашањата поврзани со организацијата и текот на откупот.

Лозарите најдобро ги познаваат состојбите во лозарството и нивниот глас ќе биде дел од одлуките што непосредно ги засегаат. Ќе продолжам со непосредна комуникација и со вклучување на сите засегнати страни, за трудот и квалитетот да ја добијат својата вистинска вредност.

Серафимовски од Струмица: Постигната е гарантирана цена на пиперката-ајварка

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес од Струмица соопшти дека е постигнат договор меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите за откупната цена на ајварската пиперка.

Според договореното, ајварската пиперка ќе се откупува по цена од 40 денари за прва класа, 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа, и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа. Новите цени ќе почнат да се применуваат од утре, по известувањето на откупните центри од страна на преработувачите.

„Како ресорен министер и претставник на Владата, сакам да ја уверам јавноста дека секогаш сме на страната на земјоделците. Сметаме дека нивниот труд и квалитетот на производите што ги нудат треба да бидат соодветно вреднувани и платени“, изјави министерот Серафимовски.

Тој информираше дека договорот е резултат на повеќедневни средби и разговори со земјоделците, откупувачите и преработувачите. Во процесот беше вклучена и Македонската асоцијација на преработувачи, а на состаноците беа разгледани сите расположливи информации, состојбите на теренот и ставовите на засегнатите страни.

„Процесот беше макотрпен, но дојдовме до заедничко решение за цената на пиперката. Земјоделците заслужуваат вложениот труд да им биде вреднуван и навремено исплатен по завршувањето на бербата“, нагласи министерот Серафимовски.

Тој упати апел до преработувачите и откупувачите доследно да ги почитуваат преземените обврски и правилно да ја класифицираат пиперката. Производителите, како што посочи, треба да добиваат точни информации за утврдениот квалитет и за откупната цена што им следува.

Истовремено, министерот ги повика земјоделците правилно да го пријавуваат и предаваат својот род во откупните центри, во согласност со утврдените класификации.

„Цената мора да се утврдува врз основа на квалитетот што го нудат производителите. Квалитетот треба да биде оценет според јасни критериуми, а земјоделците да ја добијат соодветната договорена цена“, додаде министерот Серафимовски.

Во процесот беа вклучени и градоначалниците на општините Струмица и Босилово, со кои Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство одржуваше континуирана комуникација за поддршка на земјоделците и изнаоѓање прифатливо решение.

Министерот Серафимовски најави дека по завршувањето на бербата, во текот на октомври и ноември, ќе продолжат разговорите со сите засегнати страни за воспоставување трајни системски решенија.

Тие треба да опфатат единствена методологија за класификација на пиперката, прецизни рокови за исплата на предадените производи и дополнителна сигурност за земјоделското производство.

„Овие состојби не треба да се повторуваат секоја година. Потребни се законски и системски решенија со кои земјоделците ќе имаат сигурност во производството, откупот и исплатата“, истакна министерот Серафимовски.

Средба на министерот Серафимовски со амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, се сретна со амбасадорката на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова. На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и заедничкиот интерес за понатамошно унапредување на билатералната соработка во земјоделството.

Посебно внимание беше посветено на трговската размена и на можностите за нејзино зголемување и проширување со нови земјоделски и прехранбени производи. Беше разговарано и за подобро поврзување на деловните субјекти од двете земји, промоција на македонските производи на словачкиот пазар и создавање услови за нови трговски партнерства.

На средбата стана збор и за европските интегративни процеси, со акцент на усогласувањето на земјоделскиот сектор со европските стандарди и политики. Искуството на Словачка како земја членка на Европската Унија беше посочено како значајно за јакнењето на институционалните капацитети, примената на европските правила и подготовката на македонското земјоделство за заедничкиот европски пазар.

Серафимовски: Инспекторите продолжуваат со секојдневните контроли на откупните пунктови

Државата не ја диктира пазарната цена, но има обврска да обезбеди законски, транспарентен и предвидлив откуп, притоа да не дозволи трудот на земјоделците да остане незаштитен пред пазарната неизвесност. Воден од таа одговорност, денеска во Струмица одржав одделни средби со производителите на пиперка и со регистрираните откупувачи – трговци.

Производителите ме запознаа со последиците од временските непогоди, трошоците и откупните цени, а трговците со побарувачката, извозните можности, планираните количини и динамиката на откупот.

Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.

Извор: Борче Серафимовски

Јавен повик за промотивни активности од областа на земјоделството и руралниот развој за организирање на локални манифестации и саеми

Врз основа на член 101 став (1) од Законот за земјоделство и рурален развој („Службен весник на Р Македонија“ бр. 49/10, 53/11, 126/12, 15/13, 69/13, 106/13, 177/14, 25/15, 73/15, 83/15, 154/15, 11/16, 53/16, 120/16, 163/16, 74/17, 83/18, 27/19, 27/19 и „Службен весник на РС Македонија“ бр. 152/19, 244/19, 275/19, 110/21, 123/22, 65/23 и 218/24), член 3 став (1) алинеја 1 и ставовите (2), (3), (4) алинеја 1 и (5) член 11 ставовите (1), (4), (10) ,(11)  и (12) , член 12 ставовите (1), (2) (3) и (4)  член 13 ставовите (1), (3), (5), (6) и (7) и член 14 став (1) од Уредбата за видот на активности, максималниот износ по активности, корисниците, субјектите кои учествуваат во постапката, поблиските критериуми и начинот за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој („Службен весник на РС Македонија“ бр. 208/19, 236/19, 53/21, 175/21, 257/21, 67/22, 81/22, 206/22, 43/23, 123/23, 223/23, 82/24, 188/24, 26/25, 88/25, 157/25, 29/26 и 92/26  ) и дел II став (2) точка 1 „Техничка поддршка во земјоделството и руралниот развој“ потточка 1.1 „Промотивни активности од областа на земјоделството и руралниот развој во Република Северна Македонија“ од Програма за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 („Службен весник на РС Македонија“ бр. 30/26 и 64/26), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објавува Јавен повик за промотивни активности од областа на земјоделството и руралниот развој во Република Северна Македонија за организирање на локални манифестации и саеми.

Јавен повик

Упатство

Средба на министерот Серафимовски со претставници на регистрираните откупувачи – трговци и со производителите на пиперка од Струмичко

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска во Струмица оствари одделни средби со претставници на регистрираните откупувачи – трговци и со производителите на пиперка од Струмичко.

Во разговорот со откупувачите беа отворени прашањата за тековната динамика на откупот, цените според класата и намената на производот, количините што можат да бидат преземени, извозните можности и навремената исплата кон производителите на пиперка.

На средбата министерот Серафимовски потсети на обврската условите за откуп да бидат однапред познати, цените јавно истакнати, а класификацијата прецизна и доследна.

„Цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да ги сослуша аргументите на сите страни, да обезбеди почитување на правилата и да придонесе за откуп на пиперката што ќе го вреднува трудот на земјоделците и ќе овозможи непречен пласман“, истакна министерот Серафимовски.

На одделната средба со производителите на пиперка беа сослушани нивните забелешки и барања поврзани со почетните откупни цени, производствените трошоци и последиците од временските непогоди врз годинашната реколта.

Министерот Серафимовски истакна дека секој земјоделец, независно дали настапува индивидуално или преку здружение, има право неговите аргументи да бидат разгледани сериозно и одговорно.

„Зад секој предаден килограм стојат вложувања, труд и приход на едно земјоделско семејство. Затоа разговорот за откупот не смее да се сведе само на бројки, туку мора да ја опфати и одговорноста на секој учесник во синџирот. Секој земјоделец што се соочува со реален проблем е легитимен соговорник “, порача министерот Серафимовски.

Министерот Серафимовски информираше дека Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.

Во текот на наредната недела министерот Серафимовски ќе се сретне и со сопствениците на преработувачките капацитети, со кои ќе разговара за расположливите капацитети, планираните количини за откуп и можностите за пласман на годинашната реколта на пиперката.