пасишта

Во тек е процесот за подготовка на Законот за пасишта

Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство преку Единствениот национален електронски регистар на прописи ја информираше јавноста за започнувањето на процесот за подготовка на новиот Закон за пасишта.

Со предлог законот за пасишта чие донесување беше ставено на увид на јавноста во период од 11.06- 26.06.2021 година покрај дефинирањето на управувањето на работата на Јавното претпријатие за пасишта, дефинирањето на терминологијата неопходна за спроведување на овој закон, од клучно значење за земјоделците и сточарите се повеќе аспекти на самиот закон. Со законот се дефинираат рамките за напасување и класификацијата на пасиштата, каде се дефинираат правила за вршење на индивидуално и колективно напасување на добиток.

Индивидуалното напасување го спроведуваат економски оператори кои имаат договор за закуп на пасиште во државна сопственост.

Земјоделските стопанства кои што се дел од Единствениот регистар на земјоделски стопанства кои што имаат пријавено во МЗШВ сточарско производство, кои спроведуваат колективно напасување плаќаат колективна пашарина во висина од 0,3% од просечна нето плата исплатена за минатата година во Република Северна Македонија по грло ситен добиток, живина и пчелни семејства и 1% од просечна нето плата исплатена за минатата година во Република Северна Македонија по грло крупен добиток

Од особено значење во овој предлог закон е законската рамка за доделување на пасиштата во државна сопственост каде се предвидува државно пасиште да биде дадено под закуп

  • за напасување на ситни и крупни преживни животни до 10 години,
  • за напасување на коњи и други копитарии до 10 години
  • спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години,
  • преработка на  примарни сточарски производи, продажен простор за прозиводите добиени од земјоделската дејност, за сместување, исхрана, едукација, рекреација и продажба на производи за потребите на домаќинставта на лицата  ангажирани во производството на примарни и преработени сточарски производи, собирни центри за млеко, печурки и лековити растенија до 30 години.

Исто така од интерес на земјоделците е да се спомене дека со предлог законот за пасишта се предвидува дека

“На Пасиштата во државна сопственост што е предмет на закуп можат да се градат само објекти кои ќе бидат во функција на намената за која е дадено пасиштето и за кои ќе се издаде одобрение за изградба согласно со овој закон.”

Очекувањата се дека со донесувањето на новиот Закон за пасишта треба да обезбеди Регулирање на постапката за инвентаризација и бонификација на пасиштата како и целосно да се прецизира постапката за доделување на пасиштата во државна сопственост.

Временската рамка за подготвувањето на предлог законот за пасишта е од 12.06.2021- 05.07.2021 година а јавната расправа ќе се одржи на 02.07.2021, за што навремено ќе биде објавена покана до засегнатите страни за учество во јавна расправа.

Сите заинтересирани страни можат да се вклучат во постапката за донесување на законот во вид на барања за писмени мислења, забелешки и сугестии, преку учество во работни групи формирани од страна на министерството или Владата како и состаноци со засегнатите страни.