
Намалена поддршката за сортни Шарпланинци/Карамани во годинешната програма за Директни плаќања
Во Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2022 година во делот на Директни плаќања оваа година поддршката на Министерството за шумарство и водостопанство за одгледување на стопанско корисно куче Шарпланинец и овчарско куче Караман изнесува 2000 денари.
Со тоа за тековната 2022 година извршено е намалување на износот на субвенции за цели 1000 денари по оваа мерка од 3000 денари по грло шарпланинец/караман колку што се доделуваа до минатата година на 2000 денари во годинешната програма за 2022 година.
Ваквото намалување на поддршката од 3000 денари на 2000 денари која што и онака беше симболична за одгледување на сортен шарпланинец т.е. караман сигурно ќе се одрази негативно на и онака малиот фонд на шарпланинци/карамани во државата.
Шарпланинецот е автохтона сорта на куче кој се одликува со многу благородни карактеристики и е значаен за нашата држава на ниво на идентитетска препознатливост. Шарпланинецот е носител на грбот на монетарната единица и е вгравиран на монетата со номинална вредност од 1 денар.
Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои одгледуваат овци и кози, кои поседуваат најмалку 50 грла овци и/или кози евидентирани во Регистарот на овци и кози, и се сопственици на педигрирани кучиња од расата Шарпланинец и Караман на кои е извршена идентификација со микрочип на денот на поднесување на барањето,
Максимален број е седум пријавени кучиња по земјоделско стопанство.