Хидрографија на дел од Брегалничкиот регион-предуслов за развој на зголемена стопанска дејност

Сподели на социјални мрежи

Поволните хидрографски карактеристики на општината Делчево во голема мера се значаен предуслов за развивање на зголемена стопанска дејност, како и опстојување и развој на населените места. Ваквата состојба е значаен но не и доволен предуслов за развој на општествениот живот на овие простори. Секако своја доминантна улога имаат и повеќе други општествени активности пред се под влијание и директна зависност на институциите на локално и национално ниви.

Фото 26.08.2016 година: Реката Брегалница во своето регулирано корито во центарот на Делчево

За свртување на вниманието на целокупната Македонска јавност, сакаме да го реафирмираме фактот на постоење на богат хидроенергетски потенцијал на Делчевската котлина, кој доколку стратешки се искористи може да му донесе целосен препород на оваа општина.

Во прилог на оваа теза оди и еколошката поволна состојба која за разлика од други региони на државата се на далеку повисоко ниво, главно поради непостоењето на голема загадувачка индустрија, па оттука Делчево и околниот микрорегион претставува погодно подрачје за развој на зелени бизниси на локалната економија.

Историјат и генерални карактеристики

Потеклото на Пијанец е тектонско. Според гео-морфолошките испитувања на Б.Ж Милоевиќ, Цвиииќ и други научници уште во Палеоген котлината Пијанец претставувала посебна долина одвоена од Кочанската и Малешевската. Растроените, превртени и набрани палеогенски седименти укажуваат дека во Предплиоценот настанеле силни тектонски движења, односно, спуштање на теренот меѓу овие котлини и како резултат на тоа се создал горниот тек на долината Брегалница.

Во Плиоценот, Пијанечката Котлина била езеро поврзана со Малешевското езеро, со две притоки, едната источно од ридот Бејас Тепе по која сега тече реката Желевица, втората западно од тој рид која подоцна повеке се продлабочила и по неа тече реката Брегалница.

Фото 26.08.2016 година: Реката Брегалница во своето регулирано корито во центарот на Делчево

Пијанечкото езеро било поврзано и со Кочанското Езеро, Ќустендилското и Благоевградското Езеро. Врските со последните две езера се прекинале со издигањето на гребенот на источната страна, додека утоката во Кочанското Езеро се продлабочила и во неа истекла водата, а тоа долниот тек на реката Брегалница. По истекувањето на езерото со флувијална ерозија и денудација се формирале денешните релјефни форми на Пијанец.

Геолошкиот состав на Пијанечката Котлина е хетероген. Пониските делови на котлината се Палеогени и Плиоцени наслаги. Тоа се претежно песочници, глиници, варовници и конгломерати што лежат преку стари еруптивни карпи и кристални шкрилци. Грербените околу котлината главно се составени ок кристалести шкрилци и еруптивни карпи особено Гранит.

Најнискиот дел, Алувијалната рамнина, настанала од наносите на река Брегалница и нејзините притоки. Тоа е најплодното земјиште.

Реката Брегалница

Фото: Водостојот на река Брегалница во центарот на Делчево сведен на минимум во текот на летниот период

Фотографии снимени 01.02.2015 година:
Надојдена река Брегалница на критични локации во Делчево

Фото 07.10.2018 година:
Нормален водостој на река Брегалница

Брегалница по должина е најголема притока на Вардар. Извира под врвот Ченгино Кале на Малешевските Планини на надморска височина од 1.720 м, а во Вардар се влива меѓу селата Ногаевци и Уљанци, на надморска височина од 137 м. Средниот проток при утоката изнесува 28 м3/с (максимални протоци 640 м3/с, а при минимални коритото е суво). Има вкупна должина од 225 км, сливна површина од 4.307 км2 и релативен среден пад од 7‰. По спуштањето од Малешевските Планини каде Брегалница има мошне развиена изворишна челенка, таа најпрво тече низ Беровската Котлина во која има широк тек, доста е мирна но и акумулира значаен флувијален материјал. Кај с. Будинарци широчината на долината достигнува 500-600 м, а од с. Разловци веќе влегува во клисурестиот дел на Разловската Клисура долга 19,1 км. Средногодишниот проток на профилот кај Разловци изнесува 6,3 м3/секунда. Во клисурата се јавуваат одредени ерозивни проширувања како она кај с. Митрашинци.

Фото 07.10.2018 година:
Нормален водостој на река Брегалница

По Разловската Клисура Брегалница тече низ Делчевско Поле во кое наталожува значајна количина на чакал и песок со што на одредени потези текот се разбива во неколку ракави. Во Пијанец и Малеш е горниот тек на реката Брегалница. Таа тука тече од југ кон север и има меридијански правец на протегање. Вкупниот годишен просечен проток на Брегалница на профилот “Калиманци” изнесува 264 милиони метри кубни. Од вливот на Очипалска Река па до с. Истибања односно до влезот во Кочанската Котлина и понатаму до вливот во Вардар, Брегалница тече од исток кон запад и има напореднички правец. За ваквото нејзино свртување Б. Милоевиќ ќе напише: “Во текот на палеоген во долината на денешна Брегалница постоеле две удолини, горна, меридијанска и долна, напоредничка” (Милоевиќ, 1941). Подоцна, долната напоредничка долина со регресивна ерозија се соединила со горната меридијанска долина со што почнала да егзистира денешната долина на Брегалница. Тогаш всушност настанало поврзување на утоката на Кочанското Езеро со утоката на Пијанечкото Езеро.

Низ Истибањската Клисура, Брегалница тече во должина од 39 км. Во неа денеска е формирано езерото Калиманци од кое се наводнуваат околу 28.000 ха земјоделски површини во Кочанско и Овче Поле.
Во Кочанската Котлина Брегалница навлегува кај с. Истибања и низ неа тече речиси по средината и ја напушта кај с. Крупиште каде на запад од него изградила кратка сатеска. Низ котлинското дно Брегалница има рамнински карактер со просечен пад од само 1,8‰. Затрупувано со наносите на притоките и пороите коритото е плитко и непостојано поради што често доаѓа до изливање на водата.

Од Штипската Сатеска до вливот во Вардар, Брегалница тече низ млади палеогени и неогени седименти и коритото има меандриски облик. Тоа е пределот Слан Дол.

Во својот тек Брегалница прима 23 притоки подолги од 10 км. Од десната страна дотечуваат 10 притоки со вкупна должина од 241 км, а од левата страна 13 притоки со вкупна должина од 260 км. Долините на сите притоки, за разлика од долината на Брегалница која е полигенетска, се моногенетски. Тие се развиле како притоки на одделни езерски басени, а со истекување на езерото нивните води го продолжуваат својот тек и стануваат притоки на Брегалница. Во планинските предели долините им се длабоки и имаат облик на латинската буква В (V). Со усечувањето во некогашните езерски басени, долините им се проширувале, а долинските страни се намалувале. Денеска главно имаат симетрични долински страни.

Десни притоки на Брегалница

-На територија на Општина Делчево:

Желевица, Даштица, Репница, Граштица, Ѕвегорска Река, Габровчица, Очипалска река

Фото 27.12.2012 година:
Река Желевица кај село Тработивиште

-На остатокот од сливното подрачје:

Пехчевска Река, Луковичка Река, Каменичка река Оризарска Река или Масалница, Кочанска Река, Злетовска Река, Светиниколска Река.

Леви притоки на Брегалница

-На територија на Општина Делчево:

Олшана, Петрашевска река и Чифличка река

-На остатокот од сливното подрачје:

Ратевска Река, Каменичка, Будинарска Река, Бигланска Река, Заровец, Осојница, Градешка Река, Зрновска Река, Река Плачковица, Козјак, Сува Река, Отиње, Крива Лакавица

Вештачки езера и акумулации во Општина Делчево

Езеро Калиманци, Езеро за спортски риболов “Сандански”, Акумулација “Лошана”, Акумулација “Петрашевска брана”.

Брана Лошана

Значаен потенцијален хидрографски објект во општината е брана Лошана, со зафатнина од 1 400 000 метри кубни вода, во непосредна близина во атарот на селото Разловци. Браната е изградена во период од 2002 година до јануари 2008 година.

Фото:
Брана Лошана со различен водостој на кота на водено огледало

Оваа акумулација главно се користи за решавање на проблемот на водоснабдување во дел од општина Делчево, а има потенцијал да се користи и дел за наводнување на Делчевското поле (300 ха).

Брана Петрашевец

Друг значаен изграден хидрографски објект во општината претставува акумулација Петрашевец со зафатнина од 180 000 метри кубни вода, која се користи за наводнување на обработливите површини низводно од Браната.

Езеро САНДАНСКИ

Фото: Природен амбиент во околина на малото езерце САНДАНСКИ во близина на Делчево

Езерото Сандански е создадено со ископ за потребите на пробни теренски испитувања за постоење на јаглен во речното корито на реката Брегалница во 1986 година. Подолг временски период езерото Сандански се стопанисува од страна на приватен субјект како излетничко место и езеро за спортски риболов.

Во продолжение даваме преглед на можни акумулации за изградба во Делчево во функција на локалниот економски развој на општината и регионот.

ПрофилВодотекПовршина на слив(км2)Зафатнина на акумулација (м3)
 
ЧукарЖелевица9020 000 000
ГрадПијавица9120 000
ЅвегорЅвегорска10600 000
Бела ВодаГабровска22550 000
Стара  РекаСтара  Река20250 000
Очипалска IОчипласка23320 000
Очипалска IIКиселичка8350 000
ТуришницаТуришница20500 000
РепницаРепница6530 000
БиглаБигла1,3325 000

#WhatsToSee #ExperienceDelcevo
@ Destination Delcevo @ bregalnicki
www.destinationdelcevo.mk www.delcevo.org.m
k

Нов серијал на наши текстови насловен како “Прошетај по Брегалница”, за претставување на Брегалничкиот регион и неговите знаменитости.

СИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА СЕ ЗАШТИТЕНИ ©
Не е дозволено превземање на содржина (текст или мултимедијални содржини) без посебен договор со Брегалнички.мк

За авторот на овој текст


Сподели на социјални мрежи