Сервис

Се спрема овчарска буна: Овчарите ќе го кренат својот овчарски стап на протести против намалувањето на субвенциите

Натежна овчарскиот стап до мера на неподносливост! Во услови на неколкукратно зголемување на цените на репроматеријалите и храната за добитокот, поскапување на трошоците за живот за сите граѓани, владата ги крати субвенциите за овчарите!

По тој повод одгледувачите на овци најавуваат масовни протести за во петок 25.02.2022 година доколку субвенциите за обележано грло овци не бидат вратени на 1300 денари по обележано грло. Во овогодинешната програма за поддршка на земјоделието објавена од страна на Агенцијата за поддршка на земјоделието и руралниот развој и најавена од страна на ресорниот министер Љупчо Николовски извршено е кратење на субвенциите во споредба со минатото. Поддршката која до минатата година ја добиваа овчарите од 1300 денари за обележано грло овци сега со програмата за директни плаќања во земјоделието е намалена на 1000 денари.

Од страна на повеќе одгледувачи на овци како и сточарски здруженија се вели дека ваквата одлука на владата ја прелила чашата на револтот.

-“Наместо да добиваат зголемување на субвенциите поради поскапувањето на егзистенцијалните трошоци во нивната стопанска гранка, овчарите добија намалување на нивните субвенции.

Ваквиот однос на надлежните во министерството е крајно разочарувачки и на штета на целокупниот сточен фонд во државата.”

-се вели во дел од реакциите на сточарите/земјоделците на социјалните мрежи.

Извор: Брегалнички портал

Хидрографија на дел од Брегалничкиот регион-предуслов за развој на зголемена стопанска дејност

Поволните хидрографски карактеристики на општината Делчево во голема мера се значаен предуслов за развивање на зголемена стопанска дејност, како и опстојување и развој на населените места. Ваквата состојба е значаен но не и доволен предуслов за развој на општествениот живот на овие простори. Секако своја доминантна улога имаат и повеќе други општествени активности пред се под влијание и директна зависност на институциите на локално и национално ниви.

Фото 26.08.2016 година: Реката Брегалница во своето регулирано корито во центарот на Делчево

За свртување на вниманието на целокупната Македонска јавност, сакаме да го реафирмираме фактот на постоење на богат хидроенергетски потенцијал на Делчевската котлина, кој доколку стратешки се искористи може да му донесе целосен препород на оваа општина.

Во прилог на оваа теза оди и еколошката поволна состојба која за разлика од други региони на државата се на далеку повисоко ниво, главно поради непостоењето на голема загадувачка индустрија, па оттука Делчево и околниот микрорегион претставува погодно подрачје за развој на зелени бизниси на локалната економија.

Историјат и генерални карактеристики

Потеклото на Пијанец е тектонско. Според гео-морфолошките испитувања на Б.Ж Милоевиќ, Цвиииќ и други научници уште во Палеоген котлината Пијанец претставувала посебна долина одвоена од Кочанската и Малешевската. Растроените, превртени и набрани палеогенски седименти укажуваат дека во Предплиоценот настанеле силни тектонски движења, односно, спуштање на теренот меѓу овие котлини и како резултат на тоа се создал горниот тек на долината Брегалница.

Во Плиоценот, Пијанечката Котлина била езеро поврзана со Малешевското езеро, со две притоки, едната источно од ридот Бејас Тепе по која сега тече реката Желевица, втората западно од тој рид која подоцна повеке се продлабочила и по неа тече реката Брегалница.

Фото 26.08.2016 година: Реката Брегалница во своето регулирано корито во центарот на Делчево

Пијанечкото езеро било поврзано и со Кочанското Езеро, Ќустендилското и Благоевградското Езеро. Врските со последните две езера се прекинале со издигањето на гребенот на источната страна, додека утоката во Кочанското Езеро се продлабочила и во неа истекла водата, а тоа долниот тек на реката Брегалница. По истекувањето на езерото со флувијална ерозија и денудација се формирале денешните релјефни форми на Пијанец.

Геолошкиот состав на Пијанечката Котлина е хетероген. Пониските делови на котлината се Палеогени и Плиоцени наслаги. Тоа се претежно песочници, глиници, варовници и конгломерати што лежат преку стари еруптивни карпи и кристални шкрилци. Грербените околу котлината главно се составени ок кристалести шкрилци и еруптивни карпи особено Гранит.

Најнискиот дел, Алувијалната рамнина, настанала од наносите на река Брегалница и нејзините притоки. Тоа е најплодното земјиште.

Реката Брегалница

Фото: Водостојот на река Брегалница во центарот на Делчево сведен на минимум во текот на летниот период

Фотографии снимени 01.02.2015 година:
Надојдена река Брегалница на критични локации во Делчево

Фото 07.10.2018 година:
Нормален водостој на река Брегалница

Брегалница по должина е најголема притока на Вардар. Извира под врвот Ченгино Кале на Малешевските Планини на надморска височина од 1.720 м, а во Вардар се влива меѓу селата Ногаевци и Уљанци, на надморска височина од 137 м. Средниот проток при утоката изнесува 28 м3/с (максимални протоци 640 м3/с, а при минимални коритото е суво). Има вкупна должина од 225 км, сливна површина од 4.307 км2 и релативен среден пад од 7‰. По спуштањето од Малешевските Планини каде Брегалница има мошне развиена изворишна челенка, таа најпрво тече низ Беровската Котлина во која има широк тек, доста е мирна но и акумулира значаен флувијален материјал. Кај с. Будинарци широчината на долината достигнува 500-600 м, а од с. Разловци веќе влегува во клисурестиот дел на Разловската Клисура долга 19,1 км. Средногодишниот проток на профилот кај Разловци изнесува 6,3 м3/секунда. Во клисурата се јавуваат одредени ерозивни проширувања како она кај с. Митрашинци.

Фото 07.10.2018 година:
Нормален водостој на река Брегалница

По Разловската Клисура Брегалница тече низ Делчевско Поле во кое наталожува значајна количина на чакал и песок со што на одредени потези текот се разбива во неколку ракави. Во Пијанец и Малеш е горниот тек на реката Брегалница. Таа тука тече од југ кон север и има меридијански правец на протегање. Вкупниот годишен просечен проток на Брегалница на профилот “Калиманци” изнесува 264 милиони метри кубни. Од вливот на Очипалска Река па до с. Истибања односно до влезот во Кочанската Котлина и понатаму до вливот во Вардар, Брегалница тече од исток кон запад и има напореднички правец. За ваквото нејзино свртување Б. Милоевиќ ќе напише: “Во текот на палеоген во долината на денешна Брегалница постоеле две удолини, горна, меридијанска и долна, напоредничка” (Милоевиќ, 1941). Подоцна, долната напоредничка долина со регресивна ерозија се соединила со горната меридијанска долина со што почнала да егзистира денешната долина на Брегалница. Тогаш всушност настанало поврзување на утоката на Кочанското Езеро со утоката на Пијанечкото Езеро.

Низ Истибањската Клисура, Брегалница тече во должина од 39 км. Во неа денеска е формирано езерото Калиманци од кое се наводнуваат околу 28.000 ха земјоделски површини во Кочанско и Овче Поле.
Во Кочанската Котлина Брегалница навлегува кај с. Истибања и низ неа тече речиси по средината и ја напушта кај с. Крупиште каде на запад од него изградила кратка сатеска. Низ котлинското дно Брегалница има рамнински карактер со просечен пад од само 1,8‰. Затрупувано со наносите на притоките и пороите коритото е плитко и непостојано поради што често доаѓа до изливање на водата.

Од Штипската Сатеска до вливот во Вардар, Брегалница тече низ млади палеогени и неогени седименти и коритото има меандриски облик. Тоа е пределот Слан Дол.

Во својот тек Брегалница прима 23 притоки подолги од 10 км. Од десната страна дотечуваат 10 притоки со вкупна должина од 241 км, а од левата страна 13 притоки со вкупна должина од 260 км. Долините на сите притоки, за разлика од долината на Брегалница која е полигенетска, се моногенетски. Тие се развиле како притоки на одделни езерски басени, а со истекување на езерото нивните води го продолжуваат својот тек и стануваат притоки на Брегалница. Во планинските предели долините им се длабоки и имаат облик на латинската буква В (V). Со усечувањето во некогашните езерски басени, долините им се проширувале, а долинските страни се намалувале. Денеска главно имаат симетрични долински страни.

Десни притоки на Брегалница

-На територија на Општина Делчево:

Желевица, Даштица, Репница, Граштица, Ѕвегорска Река, Габровчица, Очипалска река

Фото 27.12.2012 година:
Река Желевица кај село Тработивиште

-На остатокот од сливното подрачје:

Пехчевска Река, Луковичка Река, Каменичка река Оризарска Река или Масалница, Кочанска Река, Злетовска Река, Светиниколска Река.

Леви притоки на Брегалница

-На територија на Општина Делчево:

Олшана, Петрашевска река и Чифличка река

-На остатокот од сливното подрачје:

Ратевска Река, Каменичка, Будинарска Река, Бигланска Река, Заровец, Осојница, Градешка Река, Зрновска Река, Река Плачковица, Козјак, Сува Река, Отиње, Крива Лакавица

Вештачки езера и акумулации во Општина Делчево

Езеро Калиманци, Езеро за спортски риболов “Сандански”, Акумулација “Лошана”, Акумулација “Петрашевска брана”.

Брана Лошана

Значаен потенцијален хидрографски објект во општината е брана Лошана, со зафатнина од 1 400 000 метри кубни вода, во непосредна близина во атарот на селото Разловци. Браната е изградена во период од 2002 година до јануари 2008 година.

Фото:
Брана Лошана со различен водостој на кота на водено огледало

Оваа акумулација главно се користи за решавање на проблемот на водоснабдување во дел од општина Делчево, а има потенцијал да се користи и дел за наводнување на Делчевското поле (300 ха).

Брана Петрашевец

Друг значаен изграден хидрографски објект во општината претставува акумулација Петрашевец со зафатнина од 180 000 метри кубни вода, која се користи за наводнување на обработливите површини низводно од Браната.

Езеро САНДАНСКИ

Фото: Природен амбиент во околина на малото езерце САНДАНСКИ во близина на Делчево

Езерото Сандански е создадено со ископ за потребите на пробни теренски испитувања за постоење на јаглен во речното корито на реката Брегалница во 1986 година. Подолг временски период езерото Сандански се стопанисува од страна на приватен субјект како излетничко место и езеро за спортски риболов.

Во продолжение даваме преглед на можни акумулации за изградба во Делчево во функција на локалниот економски развој на општината и регионот.

ПрофилВодотекПовршина на слив(км2)Зафатнина на акумулација (м3)
 
ЧукарЖелевица9020 000 000
ГрадПијавица9120 000
ЅвегорЅвегорска10600 000
Бела ВодаГабровска22550 000
Стара  РекаСтара  Река20250 000
Очипалска IОчипласка23320 000
Очипалска IIКиселичка8350 000
ТуришницаТуришница20500 000
РепницаРепница6530 000
БиглаБигла1,3325 000

#WhatsToSee #ExperienceDelcevo
@ Destination Delcevo @ bregalnicki
www.destinationdelcevo.mk www.delcevo.org.m
k

Нов серијал на наши текстови насловен како “Прошетај по Брегалница”, за претставување на Брегалничкиот регион и неговите знаменитости.

СИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА СЕ ЗАШТИТЕНИ ©
Не е дозволено превземање на содржина (текст или мултимедијални содржини) без посебен договор со Брегалнички.мк

ПРИКАЗНАТА ЗА “МОДРОТО ЗЛАТО”: СИНА СЛИВА (ЛАТ.PRUNUS DOMESTICA)

Уште од памтивек Делчевско и целиот Пијанечки регион е познат по квалитетот на сината слива која од најдамнешни времиња се произведувала на овој простор. Поволните микроклиматски природни услови и благонаклонети геолошки и педолошки карактеристики на почвата како и богатата хидрографска мрежа на водотеци се идеални за производство на сливата.

Во Делчевско-Пијанечкиот регион биле присутни едни од најпознатите сушари на сина слива во целата Отоманска империја. Постојат кажувања од повозрасни луѓе дека од овој регион биле носени товари со сушена слива и природен маџун од овие сушари директно на дворецот на Султанот, со помош на специјално организирани каравани за таа цел.

Целиот процес на подготовки и справување со родот од пространите плантажи на сина слива во Делчево отсекогаш бил бележит и живописен и е длабоко вкоренет во традицијата на народот од овие простори.
Со овој процес се поврзани практични постапки, испреплетени со народни кажувања, легенди, верувања, песни и ора што му дава и длабока социолошка димензија на целиот процес доведен до ниво на животен ритуал.

Овие специфики варираат од село до село, па дури и од семејство до семејство кои произведуваат и ден денес сина слива.

Делчево и целиот регион на Пијанец е еден од еколошки најчистите региони во Република Македонија и пошироко во регионот. Поради таа причина и широк дијапазон на специфични микроклиматски услови и богата хидрографска и минеролошка карта на Делчевската општина, на ова поднебје егзистираат голем број на растенија во закрила на природата, кои се карактеризираат со својата реткост и фармацевтска примена.

Наша улога и мисија е ова богатство да го доближиме до пошироката публика, со што ќе допринесеме за свесноста и одговорноста кон зачувување и искористивање на најсоодветен начин на овој природен дивезитет на Делчево и Пијанецот.

-Извор: Брегалнички портал

#НабериЗдравје       #Биодиверзитет       #ПијанечкаШипка      #CollectHealth       #Biodiversity

СИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА СЕ ЗАШТИТЕНИ ©
Не е дозволено превземање на содржина (текст или мултимедијални содржини) без посебен договор со Брегалнички.мк

Благодет од природата: Шипка ((Latin. Rosa canina)

Шипка (народно Шипци) (Latin. Rosa canina) е диво грмушесто бодликаво растение од родот па розите и е едно од најлековиттите овошја во светот.

Плодовите на шипката се богати со антиоксиданси со благотворното дејство на кардиоваскуларниот, нервниот и коскениот систем. Во практика се покажало дека дневна доза од екстракт на шипки, во вид на чај или мармалад, може да помогне во намалувањето на крвниот притисок и нивото на холестерол во крвта. Научниците сметаат дека шипките го намалуваат ризикот од срцеви заболувања кај дебелите луѓе за 17 проценти
Покрај користа за срцето и крвните садови, состојките на шипките го инхибираат растот на ракот на дојката, простатата, дебелото црево, леукемијата и ги спречуваат промените кои го поттикнуваат растот на туморот.

Шипките се богати со витамин Ц и се сметаат за одлично средство против воспалителни процеси, а богати се и со витамин Б5, калиум, природни феноли како што се елагитанин и флавоноид.

Шипките содржат и фитохемикалии кои го поттикнуваат создавањето на серотонинот за подобро расположение и естрогенот кој е одговорен за коскената маса. Ова откритие е многу важно за превенција на остеопорозата.
За подигање на имунитетот и превенција на здравствените проблеми стручњаците препорачуваат дневна доза од 2,5 децилитри свеж сок или квалитетен купечки сок од шипки.

Подготовката на шипките во домаќинството е голема, од нив може да се направи мармалад, желе, колачи, меласа, сокови, ликери, вино и чај.

Поради сите овие специфики Шипката се смета за симбол на вечниот живот, плодноста и здравјето.
Во Делчево, Пијанец и поширокиот Брегалнички регион шипката е присутна во изобилство во природата како диво некултивирано растение и е достапно на сите љубители на производите од шипка да дојдат и самите да си наберат од неговите плодови.

Извор: Брегалнички портал

#НабериЗдравје       #Биодиверзитет       #ПијанечкаШипка      #CollectHealth       #Biodiversity

СИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА СЕ ЗАШТИТЕНИ ©
Не е дозволено превземање на содржина (текст или мултимедијални содржини) без посебен договор со Брегалнички.мк

Одржан состанок со надлежните со лозарите кои што неодамна протестираа за цената на лозјето

Во текот на вторникот во просториите на МЗШВ се одржа работна средба на Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство со производителите на грозје кои што пред неколку денови протестираа во врска со откупната цена и воопшто откупот на нивниот производ.

Министерот Хоџа ги информираше лозарите дека откупната цена за оваа реколта ја објавија скоро сите винарии и изнесува 11 денари за Смедеревка и 12-13 денари за Вранец. Откупот сеуште не е започнат со максимален интензитет, досега се откупени само 1,3 милиони килограми.

На состанокот присуствуваа и директорот на Државниот инспекторатот за земјоделство Зоран Шапуриќ и градоначалникот на Неготино, Тони Делков.

Од страна на надлежните инспектори се вршат сите контроли секојдневно, проверени се сите ваги со кои се врши мерењето на родот, истакнати се откупните цени… така што во однос на техничките услови за реализација на откупот се превземени сите мерки во надлежност на службата. Директорот Шапуриќ на средбата упати порака кон земјоделците да интервенираат со пријави до надлежните инспектори какко би можеле тие да итервенираат во интерес на произведувачите на грозје.

Министерот Аријанит Хоџа пред присутните се заложи дека од овогодинешната реколта според договорените услови неоткупено грозје нема да остане.

Фотографија со пчелина кошница која ги бранува социјалните мрежи за својата автентичност

На социјалните мрежи веќе подолго време се врти фотографија која прикажува преубава форма на внатрешност на пчелина кошница за која се вели дека ја создале пчелите врз основа на нивниот животински инстинкт.

Медоносните ќелии на внатрешноста на пчелниот сандак, наводно ги изградиле самите пчели во форма на срце, откако сопственикот на овој пчелин сандак кој ја направил самата фотографија наводно заборавил да постави пчелни рамки со восок на кој што пчелите треба да ги формираат во правец своите медоносни ќелии.

За оваа фотографија постои широка дискусија на социјалните мрежи од кои некои датираат дури од 2013 година за тоа дека ваквата форма била вештачки направена од човек, но и такви кои што веруваат во нејзината природна форма на формирање од страна на пчелите.

Дури за самата фотографија кој стана вирална појава на твитер и фејсбук и т.н. независни проверувачи на факти не можат да се согласат за нејзината автентичност.

Во секој случај фотографијата делува инспиративно и вреди да ја разбуди имагинацијата за убавините кои ги дарува природата.