Администратор

Owner, Manager, web developer, graphic designer, CPanel & WHM specialist content editor & author at Anastasov Limited DOOEL Grad Delchevo

АХВ уништи 27.5 t птетно млеко со утврдено присуство на афлатоксин

Нештетно уништени над 27,5 тони небезбедно УХТ млеко поради зголемено присуство на афлатоксин

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на граничниот премин Блаце, минатата недела спречија увоз од Република Косово на две пратки УХТ млеко, со вкупна тежина од 27 520 килограми, поради утврдено присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации дефинирани со позитивните законски прописи.

Небезбедните количини млеко кои биле наменети за пласман во синџир маркети во земјава, минатата недела под надзор на официјален ветеринар, нештетно се уништени на депонијата Дрисла.

Мострите за лабораториско тестирање на двете небезбедни пратки УХТ млеко, земени се во рамки на Мониторинг програмата која инспекциските служби на АХВ на граничен премин ја реализираат за пратките со храна од животинко потекло кои се увезуваат во земјава.

На 17 јули годинава Агенцијата донесе и Решение за воведување на посебни безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко, како и производи кои содржат згуснато млеко и млеко во прав со кои ги засили официјалните контроли при увоз на овој тип производи од животинско потекло преку вршење на задолжителни лабораториски испитувања и проверки на усогласеноста со барањата за квалитет, со цел на домашниот пазар да се пласираат исклучиво безбедни и квалитетни производи и да се обезбеди фер конкуренција и заштита на домашните производители и потрошувачите.

Хоџа: Во координација со ЕУ, да го заштитиме здравјето на животните и економскиот интерес на сточарите

Состојбата со сипаниците кај овците во источниот дел на земјата континуирано се следи од надлежните институции. Од околу 30 регистрирани жаришта, во моментов активни останаа 11, изјави заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа.

„Агенцијата за храна и ветеринарство, преку Амбасадата на Турција, побара 500 илјади дози вакцини. За вакцинацијата сме во координација со Европската Унија, бидејќи една ваква одлука може да влијае врз извозот на јагнешко месо во земјите на ЕУ“, изјави Хоџа.

Тој нагласи дека за ова прашање постојат различни ставови и меѓу сточарите. Во погодените региони има барања за вакцинација, додека сточарите од западниот дел на земјата, каде што болеста досега не е регистрирана, изразуваат загриженост дека вакцинацијата може да влијае врз извозот.

„Мора да го заштитиме здравјето на животните, но истовремено и економскиот интерес на сточарите“, истакна Хоџа.

Филипче: Бараме интервентна мерка – целото црно грозје што ќе остане непродадено да го откупи државата

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска на средба со лозарите од Тиквешкиот регион порача дека Владата на Мицкоски повторно ги остава лозарите сами да се борат со зголемените трошоци и понижувачките откупни цени, поради што СДСМ меѓу другите мерки, ќе побара и интервентна мерка за целосен откуп на црното грозје што ќе остане непродадено.

„Да се донесе интервентна мерка затоа што има најави дека не целото црно грозје ќе биде откупено целото црно грозје коешто ќе им остане на лозарите да биде откупено од страна на државата. Трошоците за производство се многукратно зголемени. Колкава е само цената на горивото. Понатаму трошоците се зголемени и за работната рака 2000 денари им бараат луѓето коишто го берат грозјето. Зголемена е цената на водата и секако енормно зголемена е цената и на ѓубривата со кои што се ѓубри земјиштето“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека лозарите и оваа година се соочуваат со истите проблеми како лани, додека Владата на ВМРО, наместо решение, продолжува со однос кој ги остава земјоделците без сигурност и достоинствен приход од нивниот труд.

„За жал, како и минатата година, истите проблеми, истиот суров и нечовечен однос од страна на премиерот Христијан Мицкоски и целата влада, од министерот за земјоделство кон лозарите, поради тоа што нудат понижувачки откупни цени на грозјето“, рече Филипче.

Филипче посочи дека пртаеничката група на СДСМ со предлог ќе бара итно зголемување на откупните цени за сите сорти грозје за 5 денари за килограм.

„Бараме итно да се зголемат откупните цени и во таа насока ќе дадеме предлог закон во Собранието со кој закон откупната цена на сите сорти на винско и трпезно грозје ќе се зголеми за 5 денари по килограм“, рече Филипче.

Дополнително, Филипче најави дека СДСМ ќе побара да се укине и попустот од 8 проценти кој, како што посочи, винарите го поставуваат како услов за веднаш да ја исплатат целата откупена количина грозје.

„И ова е најмалку што заслужуваат нашите лозари ова е најмалку што заслужуваат овие луѓе кои што од сабајле до вечер на ова јако сонце работат да ги прехранат своите семејства луѓето кои што ги извадиле последните заштедени пари во текот на минатата година да купат ѓубриво, да ги платат работниците, да платат гориво, да платат вода, со цел оваа година да има соодветен род. Ова е најмалку што оваа ненародна предавничка власт на Христијан Мицкоски може да направи за овие луѓе“, рече Филипче.

Започна порибувањето на Охридското Езеро со охридска пастрмка, Хоџа дел од активностите на езерото

Пред неколку денови започна процесот на порибување на Охридското Езеро со охридска пастрмка. Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со претставници на Државниот инспекторат за земјоделство и ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, учествуваше во првата фаза од порибувањето на езерото.

Согласно договорот помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, во оваа фаза е предвидено порибување со 100 илјади единки охридска пастрмка, произведени од вештачкиот мрест во 2025 година.

Подмладокот со кој се порибува Охридското Езеро во оваа фаза е со просечна тежина од околу 16 грама, а процесот започна денес и ќе продолжи во текот на следните 5 до 6 дена.

Порибувањето се врши на локалитетите Трпејца, Пештани, Радожда, Калишта, Охрид и Струга. Станува збор за локалитетите од кои во текот на 2025 година беа уловени матици од природната популација на Охридското Езеро, од кои беше обезбеден репродуктивниот материјал за вештачкиот мрест.

Со реализацијата на оваа фаза, ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид ја исполнува преземената обврска од договорот со Министерството за порибување со охридска пастрмка произведена од вештачкиот мрест во 2025 година.

Целиот процес се одвива под надзор на надлежните институции, во присуство на инспектор од Државниот инспекторат за земјоделство и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Процесот ќе продолжи и во текот на месец септември, кога ќе започне порибувањето со околу 1,5 милиони единки охридска пастрмка, одгледани во ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид од вештачкиот мрест во 2026 година. Оваа фаза се очекува да трае околу три недели.

Во двете фази, Охридското Езеро ќе биде порибено со вкупно околу 1,6 милиони единки охридска пастрмка, како дел од активностите за обновување и зачувување на популацијата на овој автохтон вид, кој има особено значење за биолошката разновидност на Охридското Езеро.

Министерството, во соработка со надлежните научни и инспекциски институции, ќе продолжи со активностите за заштита и обновување на популацијата на охридската пастрмка и зачувување на биолошката разновидност на Охридското Езеро.

Министерот Серафимовски во Белград: Потврдена подготвеноста за продлабочување на соработката со Србија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски во Белград се сретна со својот српски колега, Драган Гламочиќ. Во фокусот на разговорот беа можностите за продлабочување на соработката во земјоделството, преработката, безбедноста на храната и ветеринарната заштита, како и создавањето нови развојни можности меѓу двете земји.

Министрите Серафимовски и Гламочиќ посочија дека географската близина, поврзаноста на пазарите и сличните предизвици со кои се соочуваат земјоделците претставуваат добра основа за поцврсто партнерство. Соработката меѓу двете земји, како што беше нагласено, треба да добие практична димензија преку размена на знаење и технологии, нови деловни врски и подобро поврзување на примарното производство со преработувачката индустрија.

Министерот Серафимовски нагласи дека македонското земјоделство влегува во нова развојна фаза во која институционалната поддршка се насочува кон поттикнување  на поголемо и поквалитетно производство, модернизација и подобра пазарна позиција на домашните производи.

„Нашата задача е земјоделството да произведува повеќе и поквалитетно, да привлече нови инвестиции, да биде подготвено за климатските и пазарните промени и да понуди препознатливи производи со поголема додадена вредност, усогласени со европските стандарди. Регионалната соработка може да ја забрза таа промена и да отвори нови можности за земјоделците и сточарите“, истакна министерот Серафимовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, Драган Гламочиќ, оцени дека двете држави имаат добра основа за натамошно продлабочување на соработката, особено преку размена на искуства во модернизацијата на производството и усогласувањето со европските земјоделски политики. Тој посочи дека редовниот дијалог меѓу министерствата може побрзо да ги трансформира заедничките иницијативи во конкретни проекти.

„Со поголема поврзаност меѓу институциите, земјоделците и деловната заедница можеме да создадеме простор за нови инвестиции и посилен регионален пазар“, истакна министерот Гламочиќ.

Хоџа: Повеќе пастрмка за Охридското Езеро, годинава се планира порибување со околу 1,6 милиони единки

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со претставниците на Државниот инспекторат за земјоделство, Мирко Укоски и Арбнор Арифи, го посетија Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде одблиску се запознаа со процесот на вештачко размножување на охридската пастрмка и подготовките за порибување на езерото со подмладок.

Со пловниот објект на Министерството, тие патуваа од Струга кон Охрид, а за време на посетата Душица Илиќ Боева од Хидробиолошкиот завод ги презентираше сите фази од процесот, од икрата и инкубацијата, до одгледувањето и подготовката на подмладокот за порибување на Охридското Езеро.

Според информациите презентирани за време на посетата, годинава се планира порибување на Охридското Езеро со околу 1,6 милиони единки охридска пастрмка, што е за околу 500 илјади повеќе од минатата година.

„По шестгодишниот прекин за време на претходната власт, со кој сериозно беше доведен во прашање континуитетот на овој важен процес, Владата минатата година повторно го воспостави процесот на вештачко размножување и порибување на Охридското Езеро со пастрмка. Оваа година продолжуваме со уште поголем капацитет. Охридската пастрмка е едно од најголемите богатства на нашето езеро и нејзината заштита е наша заедничка одговорност“, истакна Хоџа.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи со активностите и институционалната поддршка за заштита, размножување и зачувување на охридската пастрмка, како автохтон вид и едно од најзначајните природни богатства на Охридското Езеро.

Директорот на ДИЗ Ивица Ангеловски на терен во посета на земјоделските стопанства во струмичко

Денес, в.д. директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Ивица Ангеловски во присуство на неколку државни земјоделски инспектори го посети Струмичкиот регион, каде што во тек е интензивниот откуп на ајварска пиперка од годинешната реколта.

​Во рамки на посетата беа реализирани обиколки на повеќе откупни пунктови, при што беше извршен увид во текот на откупот, примената на законските прописи и условите под кои се одвива приемот на ајварската пиперка.

Според договореното, ајварската пиперка се откупува по цена од 40 денари за прва класа, 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа, и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа.

Најголем дел од откупените количини се наменети за преработка кај домашните преработувачи, додека одреден дел од откупените количини се наменети за извоз во Хрватска, Србија, Бугарија и други држави.

​Државниот инспекторат за земјоделство и во наредниот период ќе продолжи со засилени инспекциски контроли на откупните пунктови во Струмичкиот регион, со цел доследно почитување на законските одредби, обезбедување фер и транспарентен откупен процес и заштита на интересите на земјоделските производители.

Министерот Серафимовски на средба со лозарите во регионот околу Неготино

Денес во Неготино се сретнав со лозарите од регионот и ги слушнав нивните ставови и очекувања во пресрет на гроздоберот. Разговаравме отворено за состојбата во лозарството, трошоците за производство, очекуваниот род и квалитет, како и за прашањата поврзани со организацијата и текот на откупот.

Лозарите најдобро ги познаваат состојбите во лозарството и нивниот глас ќе биде дел од одлуките што непосредно ги засегаат. Ќе продолжам со непосредна комуникација и со вклучување на сите засегнати страни, за трудот и квалитетот да ја добијат својата вистинска вредност.

Серафимовски од Струмица: Постигната е гарантирана цена на пиперката-ајварка

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес од Струмица соопшти дека е постигнат договор меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите за откупната цена на ајварската пиперка.

Според договореното, ајварската пиперка ќе се откупува по цена од 40 денари за прва класа, 30 денари за прва-втора класа и за индустриска класа, и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа. Новите цени ќе почнат да се применуваат од утре, по известувањето на откупните центри од страна на преработувачите.

„Како ресорен министер и претставник на Владата, сакам да ја уверам јавноста дека секогаш сме на страната на земјоделците. Сметаме дека нивниот труд и квалитетот на производите што ги нудат треба да бидат соодветно вреднувани и платени“, изјави министерот Серафимовски.

Тој информираше дека договорот е резултат на повеќедневни средби и разговори со земјоделците, откупувачите и преработувачите. Во процесот беше вклучена и Македонската асоцијација на преработувачи, а на состаноците беа разгледани сите расположливи информации, состојбите на теренот и ставовите на засегнатите страни.

„Процесот беше макотрпен, но дојдовме до заедничко решение за цената на пиперката. Земјоделците заслужуваат вложениот труд да им биде вреднуван и навремено исплатен по завршувањето на бербата“, нагласи министерот Серафимовски.

Тој упати апел до преработувачите и откупувачите доследно да ги почитуваат преземените обврски и правилно да ја класифицираат пиперката. Производителите, како што посочи, треба да добиваат точни информации за утврдениот квалитет и за откупната цена што им следува.

Истовремено, министерот ги повика земјоделците правилно да го пријавуваат и предаваат својот род во откупните центри, во согласност со утврдените класификации.

„Цената мора да се утврдува врз основа на квалитетот што го нудат производителите. Квалитетот треба да биде оценет според јасни критериуми, а земјоделците да ја добијат соодветната договорена цена“, додаде министерот Серафимовски.

Во процесот беа вклучени и градоначалниците на општините Струмица и Босилово, со кои Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство одржуваше континуирана комуникација за поддршка на земјоделците и изнаоѓање прифатливо решение.

Министерот Серафимовски најави дека по завршувањето на бербата, во текот на октомври и ноември, ќе продолжат разговорите со сите засегнати страни за воспоставување трајни системски решенија.

Тие треба да опфатат единствена методологија за класификација на пиперката, прецизни рокови за исплата на предадените производи и дополнителна сигурност за земјоделското производство.

„Овие состојби не треба да се повторуваат секоја година. Потребни се законски и системски решенија со кои земјоделците ќе имаат сигурност во производството, откупот и исплатата“, истакна министерот Серафимовски.

Работна средба на Министерот Серафимовски со претставници на Асоцијацијата на земјоделци

Проактивната работа на Министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство Борче Серавимовски овозможува целосна координација, усогласување и партнерски однос на министерството со земјоделците. Потешкотиите со кои што се слоочува овој сектор, може да се решаваат во заедничка комуникација со цел за разгледување на сите релевантни околности за потоа да може да се преземаат целисходни решенија, мерки и активности во интерес на земјоделците.

Во текот на вчерашниот ден работен состанок цо претставници на Асоцијацијата на земјоделци имаше Министерот Серафимовски заедно со дел од неговот тим, каде беа разговарани повеќе актуелни состојби од интерес на земјоделците.

“Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема затворени врати за земјоделските здруженија. Денес се сретнав со претставници на Асоцијацијата на земјоделци, со кои отворено разговаравме за прашањата што се важни за земјоделците и за предизвиците со кои се соочуваат.

Подготвен сум да ги сослушам сите здруженија и организации што го претставуваат гласот на земјоделците. Различните ставови и предлози се важни, бидејќи само преку искрен дијалог можеме да дојдеме до решенија што ќе бидат применливи и ќе одговорат на реалните потреби.

Земјоделските политики мора да се градат заедно со оние на кои им се наменети.”

-напиша на социјалните мрежи Министерот Серафимовски во врска со овој состанок