ПРИКАЗНАТА ЗА “МОДРОТО ЗЛАТО”: СИНА СЛИВА (ЛАТ.PRUNUS DOMESTICA)

Уште од памтивек Делчевско и целиот Пијанечки регион е познат по квалитетот на сината слива која од најдамнешни времиња се произведувала на овој простор. Поволните микроклиматски природни услови и благонаклонети геолошки и педолошки карактеристики на почвата како и богатата хидрографска мрежа на водотеци се идеални за производство на сливата.

Во Делчевско-Пијанечкиот регион биле присутни едни од најпознатите сушари на сина слива во целата Отоманска империја. Постојат кажувања од повозрасни луѓе дека од овој регион биле носени товари со сушена слива и природен маџун од овие сушари директно на дворецот на Султанот, со помош на специјално организирани каравани за таа цел.

Целиот процес на подготовки и справување со родот од пространите плантажи на сина слива во Делчево отсекогаш бил бележит и живописен и е длабоко вкоренет во традицијата на народот од овие простори.
Со овој процес се поврзани практични постапки, испреплетени со народни кажувања, легенди, верувања, песни и ора што му дава и длабока социолошка димензија на целиот процес доведен до ниво на животен ритуал.

Овие специфики варираат од село до село, па дури и од семејство до семејство кои произведуваат и ден денес сина слива.

Делчево и целиот регион на Пијанец е еден од еколошки најчистите региони во Република Македонија и пошироко во регионот. Поради таа причина и широк дијапазон на специфични микроклиматски услови и богата хидрографска и минеролошка карта на Делчевската општина, на ова поднебје егзистираат голем број на растенија во закрила на природата, кои се карактеризираат со својата реткост и фармацевтска примена.

Наша улога и мисија е ова богатство да го доближиме до пошироката публика, со што ќе допринесеме за свесноста и одговорноста кон зачувување и искористивање на најсоодветен начин на овој природен дивезитет на Делчево и Пијанецот.

-Извор: Брегалнички портал

#НабериЗдравје       #Биодиверзитет       #ПијанечкаШипка      #CollectHealth       #Biodiversity

СИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА СЕ ЗАШТИТЕНИ ©
Не е дозволено превземање на содржина (текст или мултимедијални содржини) без посебен договор со Брегалнички.мк