Градоначалникот на Кавадарци повика на смирување на тензиите и разговори на сите засегнати кај него во општината

За денес во 11 часот во кабинетот на Градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев, е свикан итен состанок зза надминување на проблемите кои ескалираа во текот на вчерашниот ден пред капијата на винаријата Тиквеш во Кавадарци. Градоначалникот Јанчев кој вчера беше со лозарите кои протестираат, ги покани сите советници од регионот како и градоначалници, пратеници и министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа или ако тој е недостапен, претставник од министерството, да дојдат денес во неговиот кабинет на средба во 11 часот.

“Жални се сликите кои ги гледам, урнатата ограда, и полицијата којашто стои пред лозарите. Апелирам сите надлежни да се појават на средбата бидејќи бербата е во тек и да не им се прави штета на земјоделците кои чесно си го заработуваат своето парче леб,”

-порача вчера Јанчев.

Претходно од винаријата Тиквеш во јавноста упатија свое соопштение во кое вината за вчерашните инциденти ја префрлија на неколкумина незадоволни производители на грозје кои според винаријата го предизвикале инцидентот и го блокирале откупот за останатите лозари.